Претседателот на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган утре во Техеран ќе разговараат за извозот на украинското жито, соопшти денеска Кремљ. Се очекува Русија, Украина, Турција и Обединети нации во текот на неделата да потпишат договор за продолжување на извозот на украинско жито преку Црно Море.
Украинските пристаништа на Црното Море, до неодамна беа главни извозни точки за земјоделски производи, но по руската инвазија пристаништата се блокирани.
Исто така, наскоро би можело да биде потпишан сеопфатен договор за стратешка соработка меѓу Русија и Иран, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Песков рече дека руската верзија на текстот на договорот и била предадена на иранската страна во средината на јуни и оти била пофалена во Техеран.
– Се надеваме дека по некои дополнителни амандмани, кога ќе се земе предвид мислењето на иранската страна, тој ќе биде потпишан доста брзо и во блиска иднина – нагласи портпаролот на Кремљ.
Одговарајќи на прашање кога трговскиот промет меѓу Русија и Иран може да се зголеми од сегашните четири милијарди долари на 10 до 15 милијарди долари, Песков рече дека оваа бројка може да биде и поголема.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин е „убеден поддржувач на идејата за поставување на најамбициозните цели“.
– Сигурен сум дека претседателот Путин верува дека е можно да се постигне повеќе. Тоа се реални одредници за нас, потенцијалот на нашите две земји е многу голем, а има и големи резерви, така што и Москва и Техеран имаат уште работа да завршат и тоа не само на билатерално ниво – рече портпаролот на Кремљ.
Путин, Ердоган и иранскиот претседател Ебрахим Раиси утре во Техеран ќе разговараат и за Сирија, каде трите земји се воено ангажирани.