Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ги повика руските милијардери да инвестираат во нови технологии, производствени капацитети и бизниси за да и помогнат на Русија да се спротивстави на западните обиди да ја уништи руската економија.
Обраќајќи ѝ се на деловната елита за прв пат од почетокот на инвазијата на Украина, Путин рече дека нивната улога не е само да заработат пари, туку и да придонесуваат за општеството.
Компаниите не треба да го кријат своето богатство во странство, туку да инвестираат повеќе дома, рече Путин.
Тој ја пофали „благородната мисија“ на претприемачите кои се грижат за своите работници и го насочуваат нивниот талент не само кон остварување профит, туку и за јавното добро.
Меѓу милијардерите беа и Олег Дерипаска, Владимир Потанин, Алексеј Мордашов, Герман Кан, Виктор Векселберг, Виктор Рашников, Андреј Мелниченко и Дмитриј Мазепин. Нивните бизниси се движат од банкарство до вештачки ѓубрива.
Поздравен со аплауз, Путин им пренесе јасна порака на најбогатите луѓе во Русија дека треба повеќе да размислуваат за потребите на земјата, а помалку за себе.
Многу од руските тајкуни беа цел на западните санкции, но Путин истакнува дека обидите да се уништи руската економија се покажаа како неуспешни.
Тој исто така рече дека западните компании кои останаа во Русија и не побегнаа минатата година во корпоративниот егзодус донесоа паметна одлука.
Соочена со растечки буџетски дефицит, руската влада има намера да обезбеди околу 300 милијарди рубљи (3,9 милијарди долари) од даноци на дополнителна добивка.
Русија очекува економски раст оваа година, по падот од 2,1 отсто во 2022 година.