Справувањето со недостигот на работна сила на Западниот Балкан бара рационален и храбар пристап. Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила. Потребено ни е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места, истакнал Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта, информираат од дирекцијата на ТИРЗ.
Деспотовски смета дека може да се направат промени преку оптимизација на сектори и трансфер на работници, како на пример со трансфер на работници од земјоделие, традиционалните ниско платени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори каде што е потребна работна сила.
– Разликата во продуктивноста меѓу земјите во регионот, што е потврдено и преку статистиките за продуктивност и удел во БДП по глава на жител, отвора критични прашања во врска со ефикасноста на работната сила и секторската дистрибуција. Споредбата на продуктивноста на Словенија со Македонија, Србија и Албанија открива остри контрасти. И покрај сличната големини на населението, Словенија покажува значително повисоки нивоа на продуктивност. Овде се поставува прашањето зошто ист број луѓе во Словенија произведуваат 5 пати повеќе отколку во Македонија или зошто истото производство во Србија се генерира со 3,5 пати повеќе луѓе отколку во Словенија? – рекол тој.
Според него, увозот на работна сила е брзо решение на проблемот со недостигот на работна сила, но, притоа треба да се земат предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.
– Концептот за слободно движење на работната сила во Македонија, Србија и Албанија во рамки на Отворен Балкан има добар потенцијал да ги раздвижи пазарите на работна сила и да поттикне економски раст. Дозволувајќи поголема синергија меѓу овие земји, можеме да ја забрзаме нивната заедничка развојна линија и да го затвориме јазот којшто го имаме во однос на понапредните економии. Со поттикнување на редефинирање на секторите, разумно прифаќање на странската работна сила и користење на регионалната соработка, можеме да го отвориме патот за одржлив економски раст и просперитет низ Западен Балкан – рекол Деспотовски.
На панелот, како што информираа од ТИРЗ учествуваат претставници на германската Бизнис асоцијација за Југоисточна Европа, виенскиот Институт за економски студии, како и професори од Економскиот факултет во Белград и унгарската Фондација за економски истражувања.
Дводневниот форум годинава се фокусира на енергетиката, економијата и на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Балканскиот форум се одржува осма година по ред.