More

    Прскањето доцни цел месец, спремете се за војна со комарците!

    spot_img

    Оваа година ќе се води вистинска битка во аптеките за набавка на средства за заштита од комарци. Повеќе од еден месец доцни прскањето против ларви од комарци, а од Град Скопје нема никакво известување дали и кога ќе се прска против овие инсекти.

    Граѓаните веќе се жалат дека не можат да престојуваат на отворено, поточно да шетаат и спортуваат во парковите, кејот на Вардар, па бараат од градоначалничката Данела Арсовска да си ја спроведе обврската за заштита на јавното здравје.

    Плусинфо испрати прашања до Град Скопје и очекува одговор на прашањето кога е планирано да започне превентивната дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци. Но, како и во повеќе наврати досега, молк од Градот за сите теми кои се во интерес на граѓаните на Скопје.

    Инаку минатата година првото прскање против ларви беше извршено на 12 април.

    Кога ќе се случи прскањето засега ниту медиумите, ниту граѓаните не знаат, но најверојатно нема ниту набрзо да се спроведе. Причина за тоа е што постапката за доделување договор за јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, за 2024 година, била поништена на крајот од април.

    Од достапните документи на електронскиот систем за јавни набавки, може да се види дека тендерот бил распишан уште во јануари, а поништени се делови од постапката, а како причина се наведува дека не била поднесена „ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

    Набавката била објавена во три дела, првиот за авионска апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и авионска апликација на средство за уништување на ларви од комарци. Вториот дел се однесува на набавка на терестична апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и терестична апликација на средство за уништување ларви од комарци и третиот за набавка на средство за уништување на возрасни форми на комарци и средство за уништување на ларви од комарци, при што е прецизирано дека понудените средства за дезинсекција потребно е како растворувач да користат вода. Средства за дезинсекција, како што е наведено, треба да бидат наменети за ефикасно и безбедно третирање на отворени урбани и рурални површини во коишто во еден дел е опфатено и земјоделско земјиште.

    Проценета вредност на договорот за јавна набавка изнесува 20.336.076 денари без ДДВ, односно околу 330.000 евра, средства обезбедени во буџетот на Град Скопје. Од вкупната сума за авионско прскање во јавната набавка се предвидени нешто повеќе од 10 милиони денари, за прскање од земја 185.000 денари и 9,5 милиони денари за набавка на средства за уништување возрасни комарци и средства за ларви од комарци.

    Испративме прашања до Град Скопје зошто беше поништен првиот повик за набавка на средства за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци и кога ќе се распише нова набавка, но одговор не добивме.

    Додека градоначалничката Арсовска си игра со здравјето на скопјани, експертите со кои разговавравме велат дека комарците се веројатно меѓу најопасните животни на планетата поради самиот факт дека тие се предизвикувачи на милиони смртни случаи секоја година.

    Повеќето видови комарци се најчесто безопасни, но еден дел од нив, оние опасните, се вистински летечки „крвопијци“ кои имаат способност да се адаптираат лесно пренесувајќи болести на луѓето.

    Лекарите велат дека во најголем дел каснувањата од комарци кај нас не се ништо повеќе од нервозна непријатност што ќе исчезне после 24 часа. Но, ова не е случај кај лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.

    Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека со започнувањето на летниот период од годината и топлото време, време е да се планира и „аптеката“ за летниот одмор. Тие што ќе одлучат летниот одмор дали да го поминат во или надвор од Македонија, треба да ги знаат ризиците по здравјето, како и начините за превенција.

    – Комарецот се размножува во многу мало количество вода, дури и во чаша или тацна каде што се наводнуваат цвеќиња, застоени води … Комарецот го хибернира зимскиот период и станува активен од март па натаму, а најголема активност покажува во јуни, јули и август – велат од ИЈЗ.

    Епидемиологот д-р Драган Даниловски, лани на Фејсбук во детална анализа за тигрестите комарци напиша дека авионското прскање против комарци не е ефикасно, а дека нивниот број во земјава станува сè поголем.

    – Болеста Денга се пренесува со помош на комарци, особено т.н. тигрести комарци (Aedes albopictus). Колку повеќе врнежи, толку повеќе комарци – и толку повеќе заразени. Епидемијата е предупредувачки знак за земјите во тропските предели, бидејќи климатските промени носат топло и влажно време, што обезбедува идеални услови за размножување на комарците – напиша Даниловски.

    Освен за Денга, тигрестите комарци се вектори и за некои други заболувања: треската чикунгуња, Зика, жолта треска, како и некои паразити. За среќа, овие болести не се присутни во Македонија, па затоа комарците, реално, не можат да ги пренесат. Но, сепак, реален ризик е пренесувањето на вирусот на западнонилската треска, зашто природни резервоари претставуваат птиците.

    – Предвидувањата за климатските промени укажуваат дека Ae. albopictus ќе продолжи да биде успешен инвазивен вид, кој ќе се шири надвор од сегашните географски граници. Овој комарец веќе покажува знаци на адаптација на постудени клими, што може да резултира со пренос на болести во нови области. Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци – додава Даниловски.

    Инаку експертите велат дека аерозапрашувањето и теристичкото прскање кои треба редовно да се спроведуваат од април, мај јуни, се до септември, па и октомври доколку е топло, потребно е да се прави ларвицидна дезинсекција, додека комарците се во фаза на развој. Но, бидејќи ваквите активности се навистина скапи, ова често е прескокнувано.

    Бидејќи Градот доцни повеќе од еден месец со прскањето против комарци се очекува и ова лето овие инсекти да бидат главна тема меѓу скопјани.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img