Интерарт културниот центар ја продолжува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“, „Dancing (Talking) Table“ утре (16 мај), од 17:30 часот, во Тетово, во партнерство и соработка со здружението Кортекс и Средното медицинско училиште „Никола Штајн“.
Во рамки на настанот ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а изведувачи се танчарите на Скопје танцовиот театар: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Филмот е создаден како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилиство, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем.
На темата ќе се обратат: Бинас Пајазити, директор на училиштето „Никола Штајн“, м-р Небахат Имери, основач на ЗПСП Кортекс работи советување и психотерапија со млади и возрасни, вработена во ЈУМЦСР-Тетово и Рисима Рисимкин, уметник и професор, уметнички автор на проектот кои ќе зборуваат на темата за родова еднаквост и семејно насилство.
Националната турнеја на проектот се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.
Премиерата на „Простор за разговор“ беше на 26 ноември 2022 година во Мала станица во Скопје, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Овој месец турнејата ќе продолжи низ повеќе градови во земјава.
М-р Небахат Имери, психолог и координаторка на Женски Центар Тетово, членка на КОРТЕКС – здружение за психотерапија и советување е активна во соочување и решавање на проблемите во областа на родова еднаквост и семејно насилство. Работи активно и во рамките на повеќе кампањи го претставува сопственото искуство од стручноста за работа со клиенти од аспект на психотерапија и советување на жртви од семејно насилство. Проект кординатор е и на прокетот, кој се одржува во периодот на 2021 и 2022 година, под наслов „На пат кон ЕУ, стоп за насилство врз жените“ преку кој се воспоставува и одржува центар за советување за жени и деца жртви на родово и семејно насилство.
Центарот за советување и психотерапија КОРТЕКС – Тетово е здружение, основано со цел да им се помогне на граѓаните да ја развијат свесноста за важноста на психо-социјалното здравје. Визија на центарот е да биде важен фактор во општествената заедница и преку своите едукативни, експериментални, истражувачки, советодавни, психотерапевтски и други активности да придонесе за зголемување на свеста на граѓаните за потребата од психолошка поддршка, во насока на повисок квалитет и соживот. Работата на здружението ги опфаќа сите категории граѓани (без дискриминација), со цел надминување на стереотипите и предрасудите, во насока на психолошко советување и психотерапија; доближување до граѓаните преку едукативни, експериментални советодавни активности во насока на превенција и подобрување на квалитетот на животот. Работните методи се искуствени, интерактивни во групи или со поединци, индивидуални сесии, дискусии, форуми, презентации, работилници. Основната активност е советување и едукација во смисла на зголемување на самосвеста и зголемување на свеста за другите, што доведува до промени и позитивно разбирање. За време на ковид-19 пандемијата, центарот во соработка со општина Тетово обезбеди платформата за бесплатна психолошка поддршка за граѓаните на Општина Тетово, преку онлајн терапија за деца, тинејџери и возрасни, на албански и на македонски јазик, а лиценцираните психолози на „Кортекс“ се приклучија на националната платформа организирана од Комората на психолози за психолошка поддршка на граѓаните на Македонија.