35 тела се пронајдени во бунар во хинду храм во централна Индија, во кој паднаа десетици луѓе кога се урна дел од структурата, објавија официјални лица.
Снимката од вчерашниот инцидент кога се урна дел што покриваше бунар во комплексот храм во Индоре во индиската држава Мадја Прадеш покажува луѓе како хаотично брзаат кон излезот.
Речиси 140 спасувачи, вклучително и припадници на војската, користеа јажиња и скали за да извлечат тела од бунарот додека водата беше испумпана. Тесниот премин и остриот шут во бунарот им ја отежнуваа работата.
Според очевидци, многу верници дошле во храмот на ритуал со оган во прославата на празникот на богот Рам. Десетици луѓе паднаа во бунарот кога се урна покривната конструкција над него, а некои делови паднаа во водата, изјави полицискиот комесар Макранд Деоскар.
Очевидец за новинарите изјави дека надлежните бавно реагирале и дека првата брза помош пристигнала еден час по повикот.
Изгледа дека кровната конструкција се срушила бидејќи не можела да ја издржи тежината на големиот број луѓе, рече државниот функционер Шиврај Синг Чаухан и нареди истрага.
„Досега пронајдовме 35 тела и операцијата за спасување продолжува“, рече друг претставник.
Тајмс оф Индија објави дека спасувачките операции се прошириле кога подводните камери покажале тела како лебдат во каллив бунар.
16 повредени во овој инцидент се во болници.
Вработените во храмот престанаа да го користат бунарот пред неколку години и го обезбедија пристапот со поставување железни шипки и други пречки.