Шпанската принцеза Леонора од Бурбон, денеска на нејзиниот 18 роденден, положи заклетва пред Уставот дека ќе стане престолонаследничка – идната шефица на шпанската држава.
Во присуство на нејзиниот татко – кралот Фелипе Шести, мајката – кралицата Летиција и сестрата, малолетната Софија, Леонора положи заклетва на свечената заедничка вонредна седница на двата дома на Парламентот.
Нејзиниот татко го извршил овој задолжителен службен чин во 1986 година, а нејзиниот дедо, Хуан Карлос I, во 1969 година.
За свечениот чин на кој официјално стана престолоналедничка на Шпанија, принцезата Леонора беше облечена во елегантен бел смокинг.
Таа положи заклетва на истата копија од Уставот како и нејзиниот татко пред 37 години. Принцезата Леонора по изречената заклетва доби неколкуминутен аплауз, а потоа и бакнеж од видно возбудениот татко, кралот Фелипе.
Леонора ужива многу висока репутација и популарност во Шпанија, каде што постојано се дебатира за монархијата.
Кратката церемонија беше емитувана со пеење на националната химна на телевизија и на неколку огромни екрани низ улиците на Мадрид. Голем број луѓе се собраа околу Парламентот под национални знамиња извикувајќи „Да живее Шпанија!“.
На церемонијата не присуствуваше дедото на Леонора, „почесниот крал“ Хуан Карлос Први, кој во 2014 година абдицираше поради неколку скандали. Во 2020 година, тој мораше да замине во егзил во Обединетите Арапски Емирати и да се држи подалеку од неговиот син, кралот Фелипе Шести, кој сака тој и Шпанија да бидат за пример.
Дедото Хуан Карлос Први сепак ќе биде на приватна церемонија на крајот на денот во палатата Прадо, недалеку од Мадрид.
Премиерот во заминување Педро Санчез и други политичари присуствуваа на церемонијата во Парламентот, но таа беше бојкотирана од партијата на радикалната левица која се противи на монархијата и претставниците на баскиските, каталонските и галициските партии кои се залагаат за независност на тие покраини од Шпанија.
фото: ЕПА