Примената на новата верзија на Законот за здруженија на граѓани и фондации да се одложи додека за него не се изјасни Венецијанската комисија, побарал лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов на денешната средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Османи претходно на средба со неговиот бугарски колега Николај Милков рече дека ќе предложи Македонија да го испрати законот на анализа во Венецијалската комсија, иако таквата можност не беше претходно спомнувана во македонската јавност.
На разговорот со Османи во седиштето на ГЕРБ, денеска во Софија, Борисов го потегнал прашањето за регистрацијата на бугарските клубови во Македонија. Според неговиот кабинет, Борисов рекол дека „не е негова работа да се меша во внатрешните работи на земјава“, но нагласил дека усвојувањето на измените на законите за политички партии и за здруженија на граѓани и фондации предизвикале остра реакција во Бугарија.
Според лидерот на ГЕРБ, ваквата постапка се одразува негативно врз добрососедските односи и побара примената на измените да се одложи сè додека за нив не се произнесе Венецијанската комисија, извести неговата партија по средбата со Османи.
Засега нема потврда од македонската влада дека ставовите што ги изнесува Османи во Софија, за барање супервизија на измените во Законот за здруженија на граѓани и Законот за политички парти, се ставови на владата, или само негови лични најави за иницијатива. За ова не успеавме да добиеме потврда од македонските институции.
Директен одговор на прашањето дали овие закони ќе бидат испратени на анализа во Венецијанската комисија денеска избегна и премиерот Димитар Ковачевски.
– Измените на Законот за здруженија ги донесе Собранието со консензус, но без разлика дали одат на Венецијанска комисија или не, сите наши закони ќе бидат разгледани во текот на билатералниот скрининг што го имаме со ЕУ и потоа ќе претрпат усогласувања – изјави денеска премиерот Ковачевски.
Во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција, Ковачевски нагласи дека не очекува овој Закон да претрпи измени, бидејќи алудира само на тоа дека треба да се внимава на чувствата на нашите граѓани што се однесуваат на користење на имиња од периодот на Втората светска војна при организирање какви било клубови или трговски друштва.
– Мојот став е дека нам ни треба нов закон за здруженија на граѓани и Министерството за правда работи на изготвување на комплетен закон, што ќе ги вклучи сите политички партии и експерти. Уште стојам на ставот дека како основа треба да биде земено германското законодавство, кое на многу висок степен ги има решено здружувањата на граѓаните – истакна премиерот.
Измените на Законот за здруженија на граѓани, како и на Законот за политички партии, беа донесени со широка поддршка во парламентот, од сите партии, и со него покрај другото се воспоставуаат ограничувања за употреба на имиња за здруженија на граѓани и фондации, кои се однесуваат на историски личности поврзани со фашизам и нацизам, или соработка со нив, антисемитизам, расизам и тн. Повод за овој закон беше именувањето на два клуба во Битола и Охрид на бугарското малцинство во Македонија со имињата на Иван Михајлов и Цар Борис Трети.
Инаку Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, составено од врвни независни експерти од областа на уставното право, кое ужива голем авторитет.
Според дел од македонските аналитичари, нема никаква потреба Венецијанската комисија да дава мислење за Законот за здруженија. Тие велат дека нема ништо спорно во измените на законот, со оглед на тоа што речиси во сите европски земји има ограничувања за именувања на здруженија според личности и организации од фашистичи, профашистички, како и нацистички карактер.
Според други аналитичари, како Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, добро е да се има предвид стручното мислење на Венецијанската комисија, со оглед на тоа што овој закон предизвика лавина коментари, како во Македонија, така и во соседна Бугарија, каде што сметаат дека со овој закон се кршат човековите права. Мислењето на Комисијата, рече Цаца во изјава за Сител, може да ги амортизира таквите реакции, и законските измени да добијат поголем легитимитет.