More

    Превозниците ги чека мака преголема

    spot_img

    Превозниците и туристичките агенции се пред нови проблеми, откако не ги добија налепниците со новото име на државата, а дел од возачите сè уште ги немаат сменето патните исправи и возачките дозволи. Тие очекуваат државата да најде некакво решение како да се излезе од хаосот по 12 февруари кога престануваат да важат старите регистарски таблички, како и патните исправи и возачките дозволи. Од Министерството за внатрешни работи, кое треба да ги обезбеди налепниците, нема одговор кога ќе стигне набавката и кога налепниците ќе почнат да се дистрибуираат. Последната најава беше дека налепниците ќе стигнат денеска.

    Превозниците кои инсистираа да се воведат налепници со новото име на државата наместо замена на регистарските таблички, која повлекува и замена на целокупната документација и лиценците за камионите, приколките и полуприколките, велат дека сега се пред нов предизвик како да ја надоместат штетата која ќе ја имаат по 12 февруари, бидејќи нема да можат да ги реализираат договорите за превоз на стока надвор од земјата, ако не ги добијат налепниците навреме.

    – По 12 февруари превозниците ќе имаат проблем при излезот надвор од државата, што значи нови трошоци и загуби поради нереализираниот превоз. Иницираме одложување, но нема да го има. Како сега владата планира да го реши проблемот не знаеме. Чекаме да кажат дека може да ги подигнеме налепниците – велат од Здружението „Макамтранс“.

    Доколку не се најде решение за проблемот превозниците велат дека ќе запре превозот на стоки кој се извршува главно со камиони.

    – Што правеа до сега? Рекоа дека во јануари ќе има налепници за табличките, а уште ги нема. Едвај успеавме да им ги смениме пасошите и сообраќајните дозволи на возачите, а сега поради една налепница што може да се отпечати за 5 минути мораме да ги откажуваме договорите. знаете колку тоа ќе не чини? Не е само дека ќе го изгубам овој превоз, туку го губам и клиентот кој сега ќе побара друг превозник, можеби од странство, а јас ќе мора да барам нов. Не ни е доволно што имаме силна конкуренција од превозници од регионот и Европа, сега се расправаме со пасоши и налепници за регистарските таблички. Никој не помислува на нашата работа, само си тераат политика – вели револтиран сопственик на неколку камиони кој превезува стока надвор од земјава.

    Туристичките агенции кои имаат и автобуски превоз веќе се организираат самите да ги печатат налепниците со новото име на државата за регистарските таблички на автобусите и да вработат нови возачи кои имаат патна исправа и возачка дозвола со новото име на државата. Но, за нивна несреќа на пазарот на труд во земјава нема доволно возачи на автобуси.

    – Подготвени сме и самите да ги печатиме налепниците, бидејќи тие немаат некаков жиг или друг вид препознавање дека ги печатела државата, инаку автобусите ќе ни останат во гаражите – вели Дончо Нацевски од ТА „Арботравел“ која има и сопствен возен парк.

    Тој додава дека поголемиот дел од неговите колеги размислуваат да примат нови возачи на автобусите кои имаат сменети патни исправи и возачки дозволи за да не се доведат во состојба автобусите да им се враќаат од границите бидејќи возачите немаат возачка дозвола со новото име.

    – На ваков начин се обидуваме да ги одбегнеме проблемите бидејќи дел од земјите, на пример Бугарија уште на граница, покрај проверката на сите документи на автобусите, ги бара возачките дозволи на возачите, а верувам дека и Грција од 12 февруари ќе почне со истата практика. Можеби така ќе го премостиме периодот додека редовните возачи ги добијат документите. Целата замена на документите со новото име на државата ни отвори уште еден проблем, а тоа е намалениот број заинтересирани граѓани за патување во странство бидејќи сите не ги замениле патните исправи. Патувањата за 8 март веќе се десеткувани поради тоа, а како резултат на тоа што имаме помал број автобуси што можат да возат во странство поради налепниците. Аранжманите се активни од 3 март, а ние ги немаме налепниците! Дополнително, проблем ни прави и тоа што нашите вработени, кои се дел од турите – туристичките водичи, и другите вработени кои одат со секој тура, не успеаја да ги заменат патни исправи, а возачите и возачките дозволи. Сето ова може да ги доведе во прашање и претсезонските аранжмани кои веќе се во тек – вели тој.

    Според него, туризмот по втор пат за неполни 4 години се соочува со криза во работењето.

    – Само што се понадевавме дека излеговме од загубите направени во време на ковид-кризата и ни се отвори можноста да се избориме со конкуренцијата, сега сме соочени со нова која ни ја направи државата со промена на патните документи и регистарските таблички со новото име на државата. Ние предложивме, но државата не прифати, нашите вработени да имаат приоритет при издавањето на патните исправи и регистарските таблички бидејќи сме стопанска гранка. Дел од туристичките работници имаат закажани термини и за брзо вадење на исправите, но и таму се чека, па проблемите нема да запрат само со доцнењето на налепниците – вели Нацевски.

    Плусинфо уште вчера побара појаснување од Министерството за внатрешни работи за тоа кога ќе пристигнат налепниците со новата кратенка на земјата, како ќе тече дистрибуцијата и дали ќе има некаква организација околу дистрибуцијата на налепниците за стопанските субјекти, но не доби одговор. Претходно од Министерството беше соопштено дека налепниците треба да пристигнат деновиве.

    Промената на личните документи, патните исправи, сообраќајните дозволи и регистарските таблици на возилата со новото име на државата произлегува од Преспанскиот договор, а последен рок за замена е 12 февруари. Обидот на техничкиот министер за внатрешни работи за пролонгирање на рокот заврши неуспешно бидејќи грчката страна не прифати одлагање.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img