Претставата „Леjди Магбет“ ќе се изведе премиерно утре (26 април) во Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 20 часот. Тоа е најновото кореографско остварување на Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар.
„Лејди Магбет“ на Рисимкин се бави со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, без наративна приказна, слики и скици за дилемите на постоењето.
Музиката за претставата ја направи композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски.
Во насловната улога како Лејди Магбет настапува Анастасија Данчевска, а во улогата на Магбет Дејан Битровски. Вештерка или алтер его на Лејди Магбет е Бобан Русески, Вештерка или алтер его на Магбет е Сара Цветковска. Во улогите на Вештерки настапуваат Моника Шолевска, Клара Христовска, Стефани Шааршмит, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова и Ангела Петревска, од Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делечв“. Асистент-репетитор на претставата е Адријана Данчевска.
Претставата е селектирана на престижниот „Шекспир фринге фестивал“ во Верона Италија, каде на 29 август годинава, ќе ја има својата светска премиера во „Teatro Camploy“. Во меѓувреме, „Лејди Магбет“ е веќе поканета да гостува на сцените на повеќе театри и фестивали низ земјава.
Рисима Рисимкин е една од водечките кореографки во земјава и деканка на Филмската академија и Катедерата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Рисимкин со свои кореографии, меѓу другото настапува на фестивали и театарски сцени во Њујорк, САД, Хаг, Амастердам и Ротердам, Холандија, Пекинг и Чуанџо, Кина, Лондон, Велика Британија, како и на фестивали и театри низ регионов и во земјава. Рисимкин е основач на Танц фест и на Скопје танцовиот театар.
Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаена како високо квалитетна на светско ниво.