More

    Претседателката Сиљановска Давкова не е сигурна дали Грција го прави истото

    spot_img

    Барам разбирање. Го имаме Преспанскиот договор. Се смени Уставот, сменивме документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме, но кога во Договорот има две страни, треба и другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција тоа го стори, таму ќе видите „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

    Во гостувањето на „Само интервју“, таа непомена дека тоа што го кажа Коцијас држи – Грција, со оглед дека со неа го склучивме Договорот, имаше посебна обврска да ја потсетува ЕУ дека треба да отвориме поглавја за примената на Преспанскиот договор.

    Додаде и дека Грција или ЕУ треба да ја советува Бугарија, зашто се тврди дека нема преговори за историја, култура, наследство и јазик, а ние, како што рече, токму тоа го правиме во историските комисии.

    Во врска со тоа што на заклетвата за шеф на државата не кажа Северна Македонија, Сиљановска Давкова нагласи дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски. Потсети и дека во Изборниот законик името не е сменето, а дали грчката амбасадорка ја напуштила инаугурацијата, не забележала, зашто, како што потенцира, била преокупирана со чинот и воопшто не размислувала кој е на галеријата.

    – Името е најголемиот идентитетски знак и тоа излезе од мене. Знам што е право, но кога се пее химна луѓето плачат, држат раце на срце. Со името е нешто слично. Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија, тоа е тоа, не дека терам инает, се однесував сократовски. Во Изборниот законик името не е сменето, си пишува Република Македонија. Заклетвата е таму точно наведена, името е Република Македонија. Сакав да покажам дека придавка е придавка, а дека она што е суштинско е Македонија. Сакав да се држам до Преспанскиот договор чиј член 7, став 3 објаснува кога може да се употеби името Македонија, а тогаш е логична и придавката. Можеби за тоа придонесе фактот што претседателот на Собранието во неполни неколку минути 25 пати го употреби изразот Северна. Не ми е јасна таа логика – рече Сиљановска Давкова, укажувајќи дека во многу земји заклетвите се напишани со употреба на зборот „република“, како во Франција, а не со името на државата.

    Претседателката уште еднаш кажа дека не го крши Преспанскиот договор.

    – Деновиве слушам дека мора да се почитуваат двата договора, Преспанскиот договор јас не го кршам, во него пишува дека ние докуметите треба да ги смениме ама и по отворањето на првото и другите поглавја. Кој отвора поглавје, кој одлучува за тоа? ЕУ. Дали тоа некој го кажа? Требаше да го каже Грција. Не само што не отворивме поглевје, туку сега треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори. Во ниту еден член во Договорот со Бугарија не пишува дека ние треба да го менуваме Уставот. На Макрон му реков дека му е извонредна филозофската теза за ЕУ, но филзоофијата не може да биде без принципи и вредости. ЕУ во самите договори предвидела санкции ако некоја членка ги крши темелните вредности и принципи. Без темелни вредности нема ЕУ како филозофија на демократија – подвлече Сиљановска Давкова.

    Таа е децидна дека со премиерот Христијан Мицкоски не го толкуваат различно Преспанскиот договор.

    Во Швајцарија на средбата со Мицотакис, рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име, ѝ создала конфузија.

    – Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички – истакна Сиљановска Давкова.

    На прашањето дали во следните пет години нема да го каже името Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која во Уставот се вика така, зошто тоа да го повторувам? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска република? Не. Ги почитувам договорите. Не е точно дека ние ги кршиме, туку некој друг ги крши, заклучи Сиљановска Давкова.

    – Ние не сме воопшто финансиско-буџетско оптоварување за ЕУ. Ние сме биле отсекогаш географски, историски и културно дел од ЕУ, сме докажале дека сме кооперативни, дури и водиме европска надворешна и безбедносна политика. Ако некој мисли дека во моментот кога ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата, готово, ќе тргне процесот, мислам дека е тоа повторно илузија – рече претседателката.

    Сиљановска Давкова напомена дека преговарачката рамка е правен факт, но може, оцени, на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство…

    Прашана дали планира посета на Брисел за почеток на преговорите, претседателката рече дека „се видела со речиси сите луѓе кои се сега на функции таму и тоа и дава надеж дека ќе има некаков континуитет во расположението за проширувањето“.

    – Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска како претседателка да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние кои не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат – изјави Сиљановска Давкова.

    Прашана кога ќе се создадат услови да се репреговараат условите за членство во ЕУ, Сиљановска Давкова, рече дека преговарачката рамка е точно правен факт, но дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето, и се појавиле „нон-пејпер“ и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува.

    – Нема да запре ветото на нас, тоа бидете сигурни и тогаш целиот процес ќе биде загрозен на проширување, а нели недовршена симфонија е ЕУ без Западен Балкан и ние сме Ахилова пета. Зборот ми е, не случајно се сите овие расправии и предлозите се, само на почетокот да има вето или на крајот, или на почетокот и крајот, во меѓувреме да не може да се употреби ветото. Да ве потсетам на нашиот предлог, дека ние велевме дека и досега сме имале одложена примена на некои одредби, може и тоа да се договори. Може на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што е со Преспанскиот договор забрането, за историја, за култура, за наследство. Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на име, на неуспешен референдум, на пратеници кои на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид за да се убеди… Значи сите страни треба да бидат на потег. Значи може одложено дејство, може толкување, да почнеме ние преговори да не става Бугарија вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да не кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем, ќе стапат во сила измените, ем ние ќе бидеме пријатели – изјави Сиљановска Давкова.

    За тоа како европските избори, залетот на крајната десница во Франција може да го загрози процесот на проширување, Сиљановска Давкова посочи дека ЕУ ќе мора да се бори за демократијата, бидејќи крајната десница е евроскептична и нема разбирање за проширувањето.

    – Сега вие внатре ги имате во ЕУ оние кои ја негираат дури и идејата за ЕУ, а ние сме посветени на Европјани. Тоа е првото. Второто, резултатите бидејќи порасна малку излезноста, ама апстиненцијата е крајно висока, тоа е јасно. Знаете колку малку граѓани излегуаат на гласање за Европскиот парламент. Што зборува за тоа, дека треба да размислиме и за односите внатре, меѓу Европскиот парламент, Комисијата и Советот. Не само јас, низа луѓе кои се бават со оваа материја сметаат дека за да има демократија треба ЕП да биде нешто како долен дом, а ЕК нешто како влада, а Советот да биде горен дом. Доколку клучниот збор како и досега за проширувањето и на почетокот и на крајот го има Советот, каде седат пратеседатели и премиери, тогаш тоа не е заедница заснована на темелни вредности и принципи. Треба да размислиме и навистина, проблематизирањето на ветото и барањето се поголема примена или да се демензионира примената на двотретинско мнозинство во процесот на проширувањето зборувам за еден одговорен однос на ЕУ. Мислам дека е време на еден исчекор и во поглед на проширувањето и тогаш ќе биде полесно – изјави Сиљановска Давкова.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img