Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата Вреди, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
– Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека сè што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. Бевме во право кога баравме ДУИ да се справи со катастрофите во своите редови. Бевме во право кога ги откривме сценаријата на ДУИ за спас на Сашо Мијалков и за враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје – рече Меџити.
Тој ја поздрави одлуката на Стејт Департментот да помогне во борбата против корупцијата. Како и секогаш досега, додаде Меџити, САД докажаа дека се наш прв и најзначаен стратешки партнер кој секогаш знае директно и јасно да ни ги посочи проблемите од кои страдаат нашите граѓани и нашата држава.
– Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Артан Груби никогаш немаше да стане вицепремиер во Владата. Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Али Ахмети ќе послушаше кога баравме од него да го тргне и да го избрка Артан Груби. Да имаше сила Али Ахмети да му застане на падот на Артан Груби, да му го пресечеше патот на корупцијата, ДУИ можеби и немаше да отиде во опозиција – вели Меџити.
Тој кажа дека кога барале да се смени Груби од партијата и од вицепремиерската функција биле одбиени.
– Али Ахмети време е да признаеш дека згреши. Време е да кажеш зошто Артан Груби беше позначаен од сите искрени членови на ДУИ кои не сакаа да ја гледаат партијата како се распаѓа заради криминалните интереси на поединци околу тебе. Јасно и гласно ги повикувам сите членови на ДУИ да го напуштат тоа раководство. Напуштете го овој корумпиран брод кој тоне. Албанската борба за правда и достоинство ниту започна со ДУИ, ниту ќе заврши со ДУИ – порача Меџити.
Тој побара од надлежните институции да спроведат истрага за наводите на САД, за да понесе одговорност секој кој што го прекршил законот.
– Одговорноста е основен принцип во секоја демократска држава. Ги повикувам сите надлежни институции да постапат соодветно, да ги истражат сите наводи и да се обезбеди дека секој што ги прекршил законите ќе одговара. Како одговорна Влада ќе продолжиме да се залагаме за реформи кои ќе го зајакнат владеењето на правото, ќе ја искоренат корупцијата и ќе ја обноват довербата на граѓаните во институциите. Нашиот ангажман ќе биде насочен кон изградба на праведно, транспарентно и ефикасно управување со јасна одговорност пред граѓаните. Нашата земја нема простор за компромиси кога станува збор за правдата. Затоа ги повикувам сите политички фактори и институции да ја стават транспарентноста и одговорноста на врвот на нивните приоритети. Само така ќе ја задржиме довербата на граѓаните и ќе ја осигураме европската иднина на Северна Македонија – посочи вицепремиерот Меџити и лидер на Демократското движење, кое е дел од владејачката коалиција Вреди.