Измените на Кривичниот законик се направени во комуникција со ЕУ и во согласност со тамошното право, а претходниот закон го направил некој „Дарт Вејдер на македонското судство“ во комунистичко време. Вака одговара премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали Европската комисија е загрижена за брзото усвојување на измените во КЗ.
– Измените кои беа направени се направени согласно законодавства кои важат во ЕУ. Ако го погледнете германското законодавство, тогаш членот кој кај нас се коментираше во однос на тоа дека сега е избришан дел од него, токму така е и во германското законодавство. Ако ја погледнете висината на казните и ја споредите со Словенија, тогаш ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што претходно го имавме е закон во кој казните беа од некое комунистичко време, бидејќи беа направени од, јас го нарекувам, некој Дарт Вејдер на македонското судство и обвинителство и тоа не значи дека не треба да се променат – рече Ковачевски од општина Карпош, каде присуствуваше на увид на отпочнување на изградбата на затворен пливачки базен.
Загриженоста на ЕУ за новите измени во Кривичниот законик ја изрази портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, која рече дека „ЕК изразуваат жалење поради недостатокот на сѐопфатни консултации на домашните чинители со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која велат треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ acquis.
Премиерот Ковачевски тврди дека со измените не се штити никој, туку се добива многу како што е проширена конфискација која значи дека низ поедноставна постапка може да се заплени имот кој е стекнат на незаконски начин. Исто така, според него, се намалува времето на водење на судските случаи.
– Ова беше најголемата забелешка на сите граѓани за случаите кои со години се водат, а не е запленет имот од никого. Ова се промени кои влијаат врз ефикасноста и ефективноста, а и казни кои овозможуваат конфискација. Кога сме кај незаконските дела, кај нас имаше еден општ член според кој беа обвинети десетина луѓе. Сега и со новиот закон кој е во подготовка се дефинираат 422 кривични дела врз основа на кои може да се гони секој што злоупотребил. Ова се позитивни измени на законот. ЕУ кажа дека е употребено, не дека е злоупотребено европското знаменце. Ние мора да се стремиме кон ефикасен систем и решенија кои се покажале квалитетни во европски земји – додаде премиерот.
Во однос на предлогот на Законот за амнестија кој се подготвува во Министерството за правда, Ковачевски вели дека затворите се пренатрупани и дека постојат во светот други инструменти на казнување како што е работа во општествени цели.