Премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил сподели фотографии од Лондон на Самитот на европската политичка заедница. Тој пишува дека имал пријателски средби со српскиот претседател Александар Вучиќ, украинскиот Воломидир Зеленски, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и многу други.
– Разговаравме за продлабочување на соработката, како и за мирот и стабилноста на регионот.
Добрососедските односи се клучен фактор за просперитет и развој на земјите од Балканот, и во тој контекст се договоривме наредниот период да продолжиме со добрата комуникација помеѓу двете земји.
Економијата и трговската размена, како и подобрување во инфраструктурното поврзување помеѓу Македонија и Србија треба да бидат значаен фактор кон развивање на двете земји – објави Мицкоски на фејсбук.
Денеска во рамки на Самитот на Европската Политичка Заедница во Лондон остварив кратка средба и разговор со Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вели Мицкоски.
– На средбата ја потенцирав недвосмислената поддршка на Македонија кон Украина и украинскиот народ и посочив дека и во иднина можат да сметаат на нашето пријателство. Македонија и македонскиот народ се хумана нација и сочувствуваат во овие тешки историски предизвици и несогледливи последици. Нашите односи се базира на вистинско пријателство од каде произлегуваат принципи, вредности и разбирање – напиша премиерот.
На маргините на Самитот во Лондон, Мицкоски се сретна со унгарскот премиер Виктор Орбан.
– Разговаравме за евроинтеграцискиот пат на Македонија и идните чекори на Унгарија како претседавач со Европската унија. Добрите билатерални односи помеѓу двете земји ќе продолжат во насока на зајакнување на полето на економијата и енергетиката. Исто така се заблагодарив за досегашната поддршка и соработка од страна на Унгарија. Продолжуваме посветено да работиме за интересите на граѓаните – рече премиерот.
Тој додаде дека имал пријателски разговор со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членот на претседателството на БиХ, д-р Денис Беќировиќ.
– Соработката на земјите од регионот е неопходна за просперитетот на државите и благосостојбата на нашите граѓани. Нашите народи имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност а клучен предуслов за тоа е градењето на силна регионална соработка. Делиме слични вредности и предизвици како регион и тие нé обврзуваат на заедничка кооперативност и комуникација меѓу земјите од Балканот – напиша премиерот.