Во Собранието нема 80 пратеници, а надвор од Собранието над 80% од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат – рече пратеникот Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
После цела година „сеење магла“ од страна на власта излезе на виделина дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени.
-Она што владата го нарекува свршен чин кој мора да се земе или остави, народот го смета за распродажба на националните и државните интереси и одбива да го прифати.
Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор. Тоа е газење на достоинството и интегритетот на државата, но во исто време погазување на суверенитетот, бидејќи народот е суверен, а тој во огромно мнозинство кажа не – вели Мицевски.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ истакна Власта, со државата и со националните интереси се однесува како да им се оставени во наследство од татковците и дедовците.
-Во целиот процес кој го правеше власта исклучувајќи ја јавноста и опозицијата, а кога уследи сугестија дека грешат, се појави ароганција и игнорирање од нивна страна.
Концесиите кои ги давале и ветувале за уставни измени во Собранието се доказ дека со државата и со националните интереси се однесуваат како да им се оставени од татковците и дедовците – посочува Мицевски.
Тој го посочува проблемот во договорот за пријатество што оваа власт го потпиша со Бугарија во 2017 година.
-Изворот на проблемот датира од 2017 година кога потпишуваа договор со Бугарија кој наместо пријателство, донесе тензии и уцени. И тогаш беа предупредувани за последиците, и сега ги предупредуваме, ама Ковачевски и власта се тврдоглави или така сакаат да се прават. Прифатија услови за евроинтеграции кои ги немала ниту една земја пред нас, услови кои значат или вечни преговори или асимилација. Ја внесоа со својата кусогледност државата во ќорсокак.
Сите рационални сили во Македонија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да им пружат рака за да се излезе од овој ќорсокак, но тие тоа го одбија и да биде уште пострашно ги етикетираа сите кои размислуваат поинаку од нив како антиевропски. Ширеа хистерија и поделби, но колку повеќе покажуваат очај толку народот повеќе ќе ги казни на следните избори кои неминовно треба да се случат – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласува дека решението е во избори „час поскоро“ и промена на власта.
-Оваа власт е развластена, не само заради тоа што уставните измени и се удрија од ѕид, туку затоа што ја упропастија државата.
Институциите се киднапирани, а СДС и ДУИ се фрлени на криминал и корупција која граѓаните ја плаќаат со своите пари, но и со своите животи. Оваа власт е продолжниот кабел кој ја изгоре Македонија.
Оваа власт е инфлацијата која го изеде стандардот. Оваа власт е апатија која ги брка граѓаните, оваа власт е проблемот, а решението на тоа се избори час поскоро и промена на власта. Уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има, бидејќи оваа власт е делегитимирана – вели Никола Мицевски.