Шумски пожар зафатил воз во Шпанија, во близина на Кастелон на североистокот на земјата.
Дури 20 патници се здобиле со изгореници, од кои тројца потешко, откако излетале од возот зафатен од пожарот, пишува Гардијан.
Машиновозачот, кој го возел возот од Сагунто во источната провинција Валенсија до Сарагоса, го запрел возот кога видел дека пожарот го прави премногу опасен за да продолжи.
Откако застанал, се подготвил да го врати возот наназад.
Патниците ги скршиле стаклата и избегале од возот
Многу патници, стравувајќи дека возот ќе се запали, ги скршиле стаклата и панично избегале. Двајца патници со најтешки изгореници се евакуирани со хеликоптер.
Останатите, меѓу кои и 10-годишно девојче, се префрлени во блиските болници. Според итните служби, меѓу патниците кои се здобиле со најтешки изгореници по бегството од возот е и 58-годишна жена.
Машиновозачот го запрел возот со 48 патници, а пред да се извлече од пожарот неколку патници ги скршиле стаклата на возот и избегале. Трчаа по шините.
„Кога видоа дека се опколени со оган, се вратија во возот и неколку од нив се здобија со изгореници“, изјави портпаролот на шпанската железничка компанија Ренфе.
Голем пожар избувна при топлотен бран
Ксимо Пуиг, претседателот на Валенсија, рече дека над 1.000 луѓе се евакуирани од своите домови поради силните ветрови што го разгореа пожарот во Бејис, Валенсија. Тој додаде дека двајца пожарникари се здобиле со изгореници.
Валенсија е последниот шпански регион кој доживеа сериозни шумски пожари за време на продолжениот топлотен бран во Шпанија. Пожарите доведоа до уништување на десетици илјади хектари шума