Долга, бесконечна војна, со или без примирје, атентат врз Путин, атентат врз Зеленски, примирје со отцепување или автономија за Донбас и Крим или пак нова цивилна војна која ќе „си гори“ и во следните децении? Постојат десет сценарија како војната во Украина ќе заврши, а сите од нив се на некој начин поврзани или кажуваат некаква вистина за сегашната ситуација, вели јутјуб-видео.
Видеото ја исклучува можноста за Трета светска војна, но во повеќето од сценаријата надвиснува идејата дека конфликтот во Украина, со или без поделба на земјата отвора цела нов гео-политички конфликт и нов поделен, мултиполарен свет во кој Русија и Кина ќе имаат поголемо влијание и ќе предизвикуваат повеќе други „мини-конфликти“.
Причина за долгата војна е и фактот што на Путин не би му се исплатело наеднаш да испрати 600.000 војници на терен за брзо да го задуши украинскиот отпор, ниту пак му се исплати да фрли нуклеарна бомба за брзи резултати. Но, остануваат други опции.
Да видиме на кој сè начин тоа може да заврши.
Авганистански синдром или „Руски Виетнам“
Тука не мислиме на повлекувањето на Американците од Авганистан, туку на војната која СССР ја водеше во Авганистан за да инсталира своја марионетска влада. Војната беше неуспешна од повеќе причини, вклучувајќи ја и географијата на Авганистан, полн со пустини. Така, таа беше наречена „Руски Виетнам“.
Украина лесно би можела да стане руски Виетнам. Тоа значи дека војната ќе трае со години, на тивок оган, а Путин полека ќе ја губи популарноста, но ќе ја задржи моќта бидејќи главните луѓе уште ќе го поддржуваат. На крајот, Украина ќе победи, како што победи Виетнам, но ќе биде тотално разрушена.
Путин е убиен, или едноставно отпуштен
Ако Путин стане непопуларен во Русија, тоа е добра шанса олигарсите или најблиските до него да му организираат пуч, атентат или едноставно да го симнат од власта. Како тоа ќе биде направено е прашање на детали. Народот би излегол на протести, но државниот удар ќе го зададе длабоката држава.
Човекот што ќе го замени Путин ќе ги повлече војските од Украина и ќе инсталира нов режим во Русија, кој веројатно повторно ќе биде анти-западен.
Големата победа на 9 мај, која не се случи
Облогот дека Путин на Денот на победата над фашизмот ќе прогласи крај на војната не се покажа точен. Тој одржа краток говор кој ги изненади сите, а не спомна ниту како понатаму ќе ја продолжи офанзивата. Токму спротивно на ова, разузнавачките служби оттогаш зборуваат како Путин се спрема за долга и тешка војна во која по секоја цена Русија мора да победи. Макар што офицерите на терен го губат ентузијазмот и немаат доволно храна и оружје.
Воскресната, долга. многу долга војна
Слично како што Германија не била задоволна по Првата светска војна и ја започнала Втората, така Путин би пробал да ја воскресне војната по 9 мај. Ова во моментов му одговара на рускиот лидер бидејќи неговата позиција меѓу Русите дома е разнишана, па со нова војна ќе си купи доволно време за да ја врати популарноста и можноста да ја добие војната. Ќе се отворат фронтови и во Придњестровје и во други про-руски региони.
Или тоа или оваа долга војна ќе значи нови катастрофални порази за Путин. Меѓу другото, 69-годишниот лидер има кревко здравје, а на Денот на победата беше снимен како го крие своето куцање и како се покрива со ќебенце иако температурата била околу 9 степени.
Примирје и отцепување на Донбас и Крим со краен договор
После сè, преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат секојдневно преку малите екрани. Двете земји онлајн пробуваат да дојдат до решение кое нив им одговара иако во моментов не се согласуваат по многу нешта. Исходот од преговорите би бил секако и поделба на Украина, односно отцепување на некои од источните делови.
Од што зависи дали ќе биде присоединет цел Донбас и Крим до централна Украина или само мали делови, како што би посакувала Украина? Од процените на двете страни за тоа какви им се силите. Ако Украинците уште се самоуверени дека можат да победат нема да попуштаат, а тоа важи и за руската страна.
Според многумина, до ова сценарио во војната ќе дојде, без разлика колку долго таа ќе трае. Отцепување или некаква автономија на про-руските региони се навистина можни.
Атентат врз Зеленски, Русија добива сè
Убиството на Зеленски било планирано уште во првите 24 часа од окупацијата, а тоа беше асот во ракавот на Русите за конфликтот да трае многу кратко, само неколку денови. Но, откако ова не успеа убивањето на Зеленски сега, кога тој полека станува национален херој, може да има и спротивен ефект меѓу Украинците, се вели во видеото.
Издржливоста на украинскиот народ не е за потценување, а факт е дека постојат и други национални херои кои би можеле да ја поведат војната понатаму, како на пример, Кличко, градоначалникот на Киев.
Целосен пораз за Украина
И покрај жилавиот отпор на Украинците и лошата стратегија на Русите, шансата Русија да победи останува прилично голема. Сепак, Русија има многу повеќе средства и персонал од Украина. Во случај Украина да биде целосно поразена во офанзивите во Донбас, тоа значи крај на војната.
Но, дали? Тогаш се отвора прашањето дали Путин ќе се задоволи со отцепување на источните региони или ќе ја врати војната во Киев за целосна окупација или воспоставување марионетска влада во земјата.
Путин се задоволува со уништување на украинското оружје
Русија би можела да ја заврши војната во моментот кога сите магацини за оружје и сето оружје кое Украина го добила од Западот е уништено. Ова ја подразбира и можноста Украина во иднина да се вооружува со тешка артилерија. Ваквото сценарио би му одговарало на Путин бидејќи ја поддржува приказната дека Русија ја води војната за да се одбрани од НАТО и Западот.
Сепак, останува прашањето, што точно ќе значи „разоружување на Украина“ и колку далеку е Путин спремен да оди во ништењето на украинските сили?
Војната не завршува, туку има „вечна цивилна војна“
Многумина велат дека војната во Украина е само продолжение на цивилната војна која почна на Крим во 2014 година, а оттогаш не сопре. Колку траат цивилните војни? За разлика од просечната војна меѓу две држави која историски трае година дена, има цивилни војни кои траат со децении, па и векови. Цивилната војна во Сирија, на пример, трае од 2011 година.
Што значи ова за Украина? Дури и Путин да се повлече и формално да ја заврши војната, про-руските сепаратисти и нивните соперници, самоформираните украински пешадиски баталјони ќе продолжат да војуваат во Донбас и покрај Црното Море уште многу, многу години. Всушност, тоа може да биде Студена војна која нема крај.
Ќе започне Третата Светска војна
Иако ова е најмалку веројатната варијанта, грешки се случуваат, а и Русија и САД се нуклеарно подготвени. Но, колку и да е затегната моменталната ситуација, таа не е ништо во споредба со Кубанската криза, пикот на Студената војна. За споредба во тоа време, СССР имал 39.000, а САД 21.000 боеви глави, додека денес бројката е 6.000 према 5.4000 за Руската Федерација. Кинезите имаат 350.
Третата светска војна би можеле да ја предизвикаат грешни информации на радарите, како на пример, прелет на некој залутан авион или друг предмет, кој ќе биде протолкуван како нуклеарна ракета или друг тип проектил. Ако земеме дека руски авион неодамна го пресече воздушниот простор на Шведска, вакви инциденти се случуваат, а за разлика до 80-тите години, земјите денес се подобро опремени за да утврдат дали навистина се работи за нуклеарна закана.