Два воза се судрија во четвртокот вечерта во метрото во Пекинг. Причината за несреќата се уште се истражува, се претпоставува дека е предизвикана од снег и лизгава патека. По несреќата повеќе од 500 луѓе се пренесени во болница, нема загинати. Речиси 100 лица се здобиле со сериозни повреди, а повеќето од нив денеска веќе се пуштени од болница.
Двата воза се судрија на надземниот дел од линијата на метрото во Пекинг во четвртокот. Се вели дека еден од возовите не можел да застане поради снегот на лизгавата пруга, па се судрил со задниот дел на другиот воз.Како резултат на судирот, последните два вагони на возот се одвоиле од остатокот од возот, јавуваат британската Би-Би-Си и германската новинска агенција dpa. Според очевидци, при насилниот судир луѓето паднале од седиштата, искршени се и неколку стакла.
По несреќата беа хоспитализирани повеќе од 500 луѓе, но денеска повеќето од нив веќе ја напуштија болницата. Нешто помалку од 100 остануваат на медицинска нега или под опсервација. Според локалните медиуми, луѓето чекале речиси еден час по несреќата пред спасувачите да ги ослободат.
Се вели дека несреќата е предизвикана од невообичаено студено време – во Пекинг и во неколку делови на северна Кина во последните денови врне силен снег. Многу возови доцнеа, а неколку беа откажани. Затворени се многу градинки и училишта. Метеоролозите предупредуваат дека викендов во повеќето делови од земјата ќе биде многу студено, а температурите во Пекинг би можеле да паднат и до 20 Целзиусови степени под нулата.