Повеќе од 230 милиони жени и девојчиња биле подложени на отстранување на гениталиите, од кои мнозинството живеат во Африка, се вели во извештајот објавен денеска од Агенцијата за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Во изминатите осум години, околу 30 милиони жени и девојчиња биле подложени на процедура во која нивните надворешни гениталии делумно или целосно се отстранети, се вели во извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Меѓународниот ден на жената.
Процентот на жени и девојчиња кои се подложени на сечење на гениталиите се намалува, соопшти УНИЦЕФ, но предупреди дека напорите за искоренување на оваа практика се премногу бавни за да бидат во чекор со рапидно растечката популација.
Оваа практика, за која погрешно се верува дека ја контролира женската сексуалност, може да предизвика сериозно крварење, па дури и смрт.
Девојките се подложени на оваа постапка кога се многу млади или како адолесценти.
На долг рок, тоа може да доведе до инфекции на уринарниот тракт, менструални проблеми, болка, намалено сексуално задоволство и компликации при породување, како и депресија, ниска самодоверба и посттрауматско стресно нарушување.
– Гледаме и загрижувачки тренд при што повеќе девојчиња се подложуваат на оваа практика како деца, многу пред нивниот петти роденден. Ова дополнително ја намалува можноста за интервенција – рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Само во Африка, околу 144 милиони жени и девојчиња се подложени на практика на отстранување на гениталиите, а потоа следат Азија и Блискиот Исток со 80 милиони и шест милиони, соодветно, се наведува во извештајот.
Сомалија е на врвот на листата на земји каде што е распространета практиката, позната и како женско обрежување, со 99 отсто од женската популација на возраст меѓу 15 и 49 години.
Буркина Фасо постигна најзначаен напредок, намалувајќи го процентот на жени на возраст меѓу 15 и 49 години на кои им биле отстранети гениталиите од 80 проценти на 30 проценти во последните три децении.