More

    Потврдени кандидатите за претседателските избори во Русија, Надеждин исфрлен од игра

    spot_img

    Четворица кандидати ќе учествуваат на изборите за претседател на Русија во март, изјави денеска претседателката на руската Централна изборна комисија (ЦИК), Ела Памфилова.

    Таа рече дека ЦИК како кандидати за претстојните претседателски избори официјално ги регистрирала: Владимир Путин како независен кандидат и претставниците на парламентарните партии Леонид Слуцки (ЛДПР), Владислав Даванков (Нови луѓе) и Николај Харитонов (Комунистичка партија на Руската Федерација).

    Памфилова рече дека денеска завршил предвидениот циклус и дека имињата на четворица кандидати ќе се најдат на гласачкото ливче, бидејќи ЦИК на седницата одби да ги пријави Борис Надеждин, Сергеј Малинкович, Анатолиј Баташев и Рада Руска, пренесе РИА Новости.
    На Надеждин, противкандидатот на Путин кој доби неочекуван замав како истакнат противник на војната во Украина, руските изборни власти му забранија да се кандидира на внимателно водените претседателски избори во март, пишува британскиот весник Гардијан.

    Централната изборна комисија објави дека открила „неправилности“ во повеќе од 9.000 од вкупните над 100.000 потписи за поддршка поднесени од Борис Надеждин. Таа бројка е три пати поголема од дозволената стапка на грешка од 5% и даде основа на комисијата да го дисквалификува.

    Коментирајќи ја одлуката, Кремљ соопшти дека „нема што да додаде“ и дека комисијата ги почитува сите утврдени правила.
    Одлуката, која беше донесена во средата, беше многу очекувана и доаѓа откако работната група на Изборната комисија во понеделникот соопшти дека утврдила дека 15% од потписите на поддржувачите поднесени од Надеждин се неважечки. Минатата недела заменик-претседателот на комисијата Николај Булаев изјави дека меѓу потписите се пронајдени 11 „мртви души“.

    Гардијан пишува дека Надеждин е ветеран на руската политика кој се дружи со инсајдери во Кремљ и со опозиционери на Путин и дека водел кампања во последен момент за да се најде на избирачкиот список, со илјадници Руси кои со часови стоеја на студот за да се потпишат на неговата кандидатура и да му дадат поддршка.

    Надеждин во својот изборен манифест рече дека Путин направил „фатална грешка со тоа што започнал специјална воена операција“ во Украина, претпочитаниот термин на Кремљ за инвазијата на Украина.

    – Путин го гледа светот од минатото и ја вовлекува Русија во минатото – изјави Надеждин критикувајќи го рускиот претседател.

    Тој во четвртокот рече дека одлуката против кандидатурата ќе ја оспори пред Врховниот суд на земјата. Гардијан додава дека никој во Русија не се надевал дека Надеждин ќе успее да го победи Путин дури и ако му дозволат да се кандидира.

    Претседателските избори во Русија ќе се одржат од 15 до 17 март годинава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img