Мерки, стимулации, но и санкции и казни, предвидува планот на грчката Влада за заштеда на енергија во јавниот сектор и намалување за десет отсто на потрошувачката во следниот период, но и долгорочно намалување за 30 отсто на годишната потрошувачка до 2030 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретните мерки што се однесуваат на јавниот сектор денеска ги презентираа министерот за животна средина и енергија, министерот за внатрешни работи и алтернативниот министер за финансии на Грција, кои истакнаа дека во иднина ќе постојат препораки и за приватниот сектор и за граѓаните за намалување на потрошувачката на енергија.
Министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас рече дека во 2022 година 10,8 отсто од вкупната потрошувачка во земјата е во јавниот сектор, истакна дека со мерките за заштеда „јавниот сектор треба да биде позитивен пример за целото општество“, а мерките се базирани на три основни активности: намалување за десет отсто на потрошувачката, дигитално следење и стимулации за постигнување на целите.
Скрекас соопшти дека во јавниот сектор, за секој објект ќе треба да се одреди лице одговорно за енергетиката кој ќе биде задолжен за контрола и следење на работата на објектот.
– Бараме од секој кој работи во јавниот сектор да се грижи да нема непотребно користење на енергија во работниот простор. Со мали промени во однесувањето на сите нас придонесуваме во колективните напори. Уште една едноставна постапка без трошок што некогаш се занемарува е исклучување на системите за ладење и греење во простории и во време кога нема вработени. Во иста насока, кога завршува работното време, при заминувањето, вработените ќе треба да се погрижат за исклучување на компјутерите, на светлата во време кога не се користат – објасни Скрекас и додаде дека во секој објект, одговорниот за енергетика ќе може да одреди еден вработен, кој ќе си оди последен и ќе провери дали сите уреди се исклучени.
Дополнително, рече дека на општините им се предлага да се оптимизира времето на уличното осветлување и ограничување на декоративното осветлување што може да ја намали потрошувачката на енергија за 35 до 50 отсто.
Министерот за внатрешни работи на Грција Макис Воридис објасни дека голем дел од конкретните мерки се вклучени во министерската одлука од јули годинава, меѓутоа по два месеци од 2.495 јавни органи, само 221 одредиле одговорен за енергетика.
– Во случај на неусогласеност со она што е предвидено, освен стимулации ќе има и санкции – порача Воридис.
Меѓу казните и санкциите што ги соопшти алтернативниот министер за финансии Теодорос Скилакакис предвидено е доколку некој од јавните органи не ги спроведува мерките да не се разгледуваат барањата за финансиска помош за покривање на енергетските трошоци; за онаму каде што се спроведува бонус систем една од целите ќе биде и десет отсто заштеда на енергија, додека пак за општините обврзувачко е штедењето на уличното осветлување, а во спротивно ако не се постигне целта нема да добијат финансиски средства за покривање на дел од сметките за електрична енергија.
Паралелно, за оние кои ќе успеат заштедата на енергија да биде 15 отсто, односно пет проценти над поставената цел, следната година, ќе добијат пет отсто повеќе во годишниот буџет.