Сопругата на Стефан Недељковиќ, еден од убиените напаѓачи од инцидентот во селото Бањска во Косово, објави потресна проштална порака на социјалните мрежи. Таа вели дека тој ќе живее низ своите три ќерки.
– Сè уште чекам некој да ме разбуди од овој кошмар… Ќе го чекам утрото. Нема да бидам патетична, знам дека тоа не ти се допаѓа. До последен момент се надевав дека ќе излезеш од таа маѓепсана шума, победник, затоа што таков си, наш суперхерој засекогаш, со насмевка која на сите им го разубави денот. Ти беше најхрабриот човек што го знам, со најголемото срце кое никогаш не остави никого, дури ни во борбата за сопствениот живот, и што те доведе до самиот крај на нашето земно патување… Секогаш ќе бидеш најдобриот татко во светот и ќе живееш низ нив во секоја секунда, секоја минута и час. Бог да ти го подари царството небесно. Нека те чуваат ангелите, а ти ги заштити нашите три чуда и мене одозгора, и дај ни само мал дел од силата што ја поседуваше… Те сакаме и ќе живееш сѐ додека ни чука срцето!
Жителите на општина Звечан каде се случи престрелката порачаа дека ова е вистинска трагедија и дека се одземени млади животи поради неправдата и теророт што повеќе не можеле да го издржат.
– А особено младите, кои сакаат само да живеат слободно, да бидат сами. Стефан од Звечани е татко на три деца, три малолетни девојчиња, а потекнува од богато семејство, а во нападот е ранет и неговиот брат – вели еден од нив.
Покрај Стефан Недељковиќ, убиени се и Иван Миленковиќ и Бојан Мијаиловиќ од Лепосавиќ. Премините Јариње и Брњак вчера беа затворени за сообраќај од правец на централна Србија, а можен е излезот од Космет.
Најмалку четири од српските напаѓачи загинаа во Бањска. Четвртото тело беше пронајдено на 1,5 километри од местото на пукањето. Неколкумина беа ранети. Беше убиен еден косовски полицаец.
Белград и Приштина си ја префрлаат вината за тоа кој е организаторот на немилиот настан. Истрагата продолжува. Снимката која беше објавена во косовските медиуми беше протолкувана различно од двете страни.
Косовскиот министер за внатрешни работи е на ставот дека водач на групата од вооружени професионалци бил лидерот на Српската листа, Милан Радоичиќ. Српскиот премиер Ивица Дачиќ, пак, утринава тврдеше дека на снимката се гледа снег и дека таа не е снимена сега и не е веродостојна.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер денеска по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека се уште има непознати детали за инцидентот во селото Бањска и предупреди дека може да се очекуваат и „други слични инциденти“.