Извозот на швајцарско оружје минатата година е намален за 27 отсто, соопшти денеска владата во Берн, што се толкува како последица на неутралниот статус на Швајцарија, кој забрани извоз на оружје и муниција во Украина.
Вредноста на извозот на воена опрема падна на 788 милиони долари, во споредба со повеќе од 1 милијарда долари во 2022 година.
Швајцарија беше 14-ти најголем извозник на оружје во светот во 2022 година, според Ројтерс.
Минатата година Швајцарија извезла воен материјал во 58 земји, што е за две помалку од претходната година, а Германија и Данска се главни купувачи на муниција и оклопни возила.
Според законот за неутралност, владата во Берн не може да ги одобри барањата за трансфер на воена опрема од швајцарско производство во Украина се додека земјата е вклучена во меѓународна војна.
Во 2022 година, на Шпанија, Данска и Германија им беа одбиени дозволи за реекспорт на оружје во Украина.
Швајцарската воена индустрија зависи од извозот и не може да се потпира само на потребите на швајцарската војска.
Се тврди дека „догматското толкување“ на неутралноста го блокира повторниот извоз на швајцарско оружје и муниција што другите земји ги купија пред години.