Поранешен капетан на германската армија денеска е осуден на три и пол години затвор за шпионажа за Русија. 54-годишниот офицер на германската армија, пред судот во Дизелдорф призна дека шпионирал за Русија.
Капетанот признал дека предал чувствителни воени информации на руските тајни служби, јави ДПА. Тој, исто така, се приклучил на екстремно десничарската политичка партија Алтернатива за Германија (АфД) во исто време кога им ги понудил своите услуги на руски разузнавачи.
Обвинителите го обвинија дека служел како агент на „непријателска, безмилосно агресивна странска сила“.
Германските полицајци го уапсија рускиот шпион на 9 август минатата година, во Кобленц и оттогаш тој е во притвор. Инцидентот беше еден од неколкуте руски шпионски скандали што ја потресоа Германија во последните месеци и ја зголемија загриженоста за безбедноста во земјата.
Тој доби пократка затворска казна бидејќи информациите што им ги понудил на Русите биле класифицирани како службени тајни. Ако предал почувствителни државни тајни, можеше да се соочи со построги казни до доживотна казна затвор.
Капетанот тврдеше дека го сторил делото воден од стравот од нуклеарна ескалација за време на руската инвазија на Украина. Неговиот бранител тврдеше дека тој почнал да конзумира лажни вести, пропаганда и заговори на платформите за социјалните медиуми Телеграм и ТикТок за време на тежок период од професионалната работа.
Обвинетиот во завршниот збор пред судот рече дека тоа било најголемата грешка што ја направил во животот и оти депресијата предизвикана од хронична прекумерна работа го нарушила неговото рационално размислување.
Осуденикот работел во канцеларијата за набавки во германскиот град Кобленц, а бил обвинет дека давал доверливи документи на рускиот конзулат во Бон и амбасадата во Берлин, пренесува Ројтерс.