Хрватската Влада на денешната седница донесе одлука за итна набавка на ракетен систем за противвоздушна одбрана со краток дострел од Франција и во врска со тоа прераспредели буџетски средства и го овласти Министерството за одбрана да ги преземе обврските за буџетските средства од 2024 до 2026 година.
– Околностите кои се случија со агресијата на Руската федерација врз Украина и падот на беспилотното летало во Загреб укажаа на потребата од прилагодување на приоритетите и плановите за опремување на Хрватската армија. Со тоа набавката на ракетниот систем за противвоздушна одбрана е поставена како највисок приоритет на опремување во краткорочен период, изјави министерот за одбрана Марио Баножиќ.
Франција во рамки на имплементацијата на Хрватско-француското стратешко партнерство, Политичката декларација потпишана кон крајот на ноември минатата година, и понуди на Хрватска јакнење на соработката во одбранбените прашања. Во рамки на програмата за набавка на борбени авиони Рафал, одобри донација на лансер системи со краток дострел од оргиналниот производител MBDA France, за заштита на воздухопловните бази во кои се наоѓаат авионите Рафал.
– Во согласност со потребите, оружените сили на Република Хрватска изразија потреба за приоритетна набавка на лансер системи со краток дострел Мистрал и ракета Мистрал 3. Наведената набавка е итна и неодложна мерка која е долгорочно сигурносно и одбранбено важна за Хрватска – рече Баножиќ.
Набавката oпфаќа испорака на ракети Мистрал 3 и лансер системи со краток дострел со најнова термална камера, систем за шифрирана електроничка идентификација на цели и комплет за координација на командата и контролата. Обезбеден е и пакет интегрирана логистичка поддршка, обука на персонал и техничка поддршка на производителот.
– Понудата за набавка на ракетен систем за противвоздушна одбрана со краток дострел за склучување договор изнесува 53.850.000 евра со отплатен рок од пет години, а обврските на Министерството за одбрана вклучуваат и зголемување на цените и данок на додадена вредност и така вкупните обврски на Министерството изнесуваат 71.957.138 евра, додаде министерот Баножиќ.