Податоците за транспарентноста на политичките партии се поразителни. Податоците за примени донации и годишни извештаи политичките партии имаат законска обврска да ги објават на своите веб страници, но од вкупно 31 политичка партија кои имаат интернет страница, седум ги имаат во целост објавено, три партии делумно ги објавиле, а 18 немаат објавено никакви извештаи. На три интернет страниците не им се активни. Ова го покажува посебниот Извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања Локални избори 2021 на Државната комисија за спречување на корупцијата.
ДКСК на денешната 61 седница го разгледа и усвои Извештајот за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања за локални избори 2021 и утре ќе го достави до Собранието, а потоа ќе биде и објавен на веб страницата на Антикорупција.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека согласно законската обврска тие ги следеле сите случувања и неправилности во текот на изборниот процес, од денот на распишување на изборите до изборот на градоначалници.
– Извештајот изобилува со разновидни анализи кои се надевам ќе помогнат во изнаоѓање јасни и недвосмислени законски одредби кои нема да остават простор за однесување без интегритет – изјави Ивановска.
Согласно оваа анализа од Буџетот на државата во 2020 година за 59 партии се одобрени средства за редовно работење, а исплатени се кон 49 партии во износ од 3,247 милиони евра, додека за 2021 година за 57 партии се одобрени средства, а исплатени се на 45 во износ од 2,34 милиони евра.
Катица Николовска, член на ДКСК, посочи дека податоците за транспарентноста на финансирањето на политичките партии се поразителни.
– Овие состојби укажуваат дека политичките партии на секои избори се борат да добијат поголем број претставници било во Парламент или општински совети со цел доминација во креирање политики и носење закони и одлуки, но први не ги почитуваат обврските кои сами ги носат. Ова говори за големата нетранспаретност на политичките партии кон јавноста за своето работење. На овој начин на јавноста и е скратена можноста за навремено информирање со колку средства располагаат и од каде ги обезбедуваат средствата за своето работење и што е најважно за што ги трошат овие средства – изјави Николовска.
Според Извештајот на ДКСК, парламентарните партии на овие избори, обезбедиле финансирање на изборната кампања од буџетот наменет за редовно работење и од реклами. Донации од правни и физички лица се доминантни за финансирање на независните кандидати и партиите кои немаат средства од буџетот.
Од анализата на донациите, ДКСК констатирала дека кај еден независен кандидати 11 невработени лица уплатиле вкупно околу 630 илјади денари. За 54 уплати во износ од 1,34 милиони денари не постојат податоци за лицата кои ги уплатиле, додека 48 донатори уплатиле 4,2 милиони денари во поединечни износи, а за кои постои сомневање дека немаат толку големи месечни приходи. За една коалиција 18 донатори уплатиле 1,68 милиони денари, а за кои постои сомневање дека немаат толку големи месечни примања и четири невработени лица уплатиле 400 илјади денари.
– За овие констатирани околности ДКСК презеде дополнителни активности во однос на проверка на кредибилитетот на донаторот и до Управата за финансиско разузнавање достави барање за нивно надлежно постапување. Управата не информираше дека според нивните истражувања дел од наводите се потврдени, а дел се уште се проверуваат и по целосна проверка, податоците ќе бидат доставени до ОЈО за понатамошно постапување, информира Николовска.
Согласно извештајот на ДКСК, за потребите на политичките партии во 2021 година се исплатени некаде околу 8,5 милиони евра од кои околу 5,237 милиони евра како средства за платено политичко рекламирање кои се обезбедуваат од буџетот на државата и околу 3,247 милиони евра како средствата за нивно тековно работење.
Најголем дел до расходите се за рекламирање – преку билборди, како и други форми – транспаретни и плакати на јавни простори, но и на простори и објетки за кои не е дозволено.
Од анализата на ДКСК се воочува дека ДУИ има пријавено ненаплатени трошоци од 4 милиони денари, Интегра има ненаплатени 457 илјади денари, а независната кандидатка Данела Арсовска за Фејсбук реклами потрошила 210 илјади денари од сопствени средства кои не се пријавени.
Од ДКСК посочуваат дека иако за реклами на Фејсбук има значитени исплати на средства од сите политички партии, сепак со Изборниот закон не се регулира овој начин за рекламирање.