Почина поранешниот шеф на пропагандата на Северна Кореја, заслужен за создавањето на култот на личноста на династијата Ким.
Поранешниот шеф на севернокорејската пропаганда Ким Ки Нам почина во вторник на 95-годишна возраст, објавија државните медиуми. Ким, кој го предводеше одделот за пропаганда и агитација на владејачката партија помеѓу 1989 и 2017 година, е заслужен за создавањето на култот на личноста на владејачката династија, но и за зближување на Пјонгјанг и Сеул.
Ким Ки Нам се лекуваше во болница од 2022 година и почина по откажување на органите, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА, пренесе француската АФП.
Во моментот на неговата смрт, државните медиуми го опишаа како ветеран на партијата и револуцијата, престижен теоретичар и важен политички активист.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој на оваа позиција го наследи својот татко Ким Јонг Ил, веќе му оддаде почит на починатиот. Странските набљудувачи му даваат признание на Ким Ки Нам за создавањето на култот на личноста на династијата Ким. За време на неговото раководење со пропагандниот апарат, основачот на Северна Кореја Ким Ил Сунг, неговиот син и внук се менуваа на чело на земјата.
Ким Ки Нам исто така одигра значајна улога во зближувањето на Северна и Јужна Кореја кога го посети Сеул во 2005 и 2009 година. Оттогаш, односите на Корејскиот полуостров значително се влошија, а во последно време беа обележани со тензии поврзани со ракетните тестови на Пјонгјанг и зајакнувањето на воената соработка на Сеул со Вашингтон.