По десет години неактивност, отворен е патот да проработи нафтоводот Солун – Скопје

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

По десет години неактивност, отворен е патот да проработи нафтоводот Солун – Скопје, изјави извршниот директор на грчката компанија „HELLENiQ ENERGY“, Андреас Сиамисис во интервју за Катемирини, јави дописничката на МИА од Атина.

Сиамисис тврди дека Регулаторна комисија за енергетика на земјава  дала зелено светло и лиценца за работа на нафтоводот, но дека треба да се решат уште некои отворени прашања.

– Сепак, треба да додадеме дека останува уште работа за нафтоводот да почне со трговска работа. Постојат значајни отворени прашања, кои верувам дека ќе се решат со добра волја од двете страни. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока бидејќи, како што знаете, на овој пазар HELLENiQ ENERGY е позиционирана стратешки, со долгорочен план. Да потсетам дека во Северна Македонија сме над 20 години – вели извршниот директор на грчката компанија.

Нафтоводот, според него, може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).

Сиамисис вели дека неодамна ја завршиле целосната контрола на цевоводот во која користеле најнова технологија за проверка, направиле сè што е потребно и е подготвен да се стави во функција, „штом се исполнат сите предуслови“ и посочува дека паралелно ја продолжиле функционалноста на проектот до јуни 2051 година.

Според него активирањето на нафтоводот ќе донесе повеќекратни придобивки за сите, кои не се само економски посебно кога има прекини на железничкиот сообраќај.

-Имаше многу случаи кога надворешни фактори доведоа до прекин на непреченото снабдување на пазарот во соседната земја. На пример, во моментов се соочуваме со непредвиден случај, што создава значаен проблем со снабдувањето на Северна Македонија. Имаше лизгање на подлогата во близина на регионот Градско, по нашата граница со Северна Македонија, поради што беше прекинат сообраќајот на возовите, а датумот на неговото обновување останува непознат. Накратко, не може да се транспортира ниту еден производ со железница до град Скопје. Ова директно влијае на транспортот на нафтени деривати – објаснува Сиамисис, истакнувајќи дека токму затоа е важна работата на нафтоводот, за да се гарантира безбедноста на снабдувањето.

Според него како компанија може да гарантираат непречено снабдување на Северна Македонија со дизел, а истовремено, земјата „ќе има можност да стане важен регионален енергетски центар за блиските дестинации, со што ќе ја надгради својата позиција и улога во поширокиот регион“.

Во интервјуто за „Катимерини“, извршниот директор на грчката компанија ја објаснува историјата на нафтоводот од неговата изградба во 2002 година во сопственост на компанијата „Vardax“ и со удел од 20 отсто на Владата на Северна Македонија, со главна цел да ги поврзе солунските рафинерии со тогашната рафинерија на компанијата ОКТА во Скопје, до неговото затворање и разговорите за повторно отпочнување со работа.

- Advertisement -
Ad image

Во 2013 година, според Сиамисис, било оценето дека е неисплатливо ОКТА да продолжи со работа како рафинерија и наместо тоа било одлучено капацитетите да се искористат како регионален центар за снабдување на Западен Балкан, со промена на употребата на нафтоводот и одлука да транспортира најсовремени и најчисти производи.

Објектите на ОКТА биле модифицирани за новата функција и направени значителни инвестиции за нивна модернизација, но сепак нафтоводот „остана неактивен, бидејќи задоцни издавањето на соодветната промена во неговото лиценцирање“.

-Напорите се интензивираа од 2020 година наваму, кога беше формирана заедничка комисија за да изнајде области на поклопување меѓу инволвираните страни, во поповолна средина. Во ноември минатата година, откако ги исполни сите поставени услови, нашата подружница „Vardax“, која е сопственик на гасоводот, повторно поднесе барање до надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија, да добие дозвола за нафтоводот да работи за транспорт на рафинирани производи, наместо сурова нафта. По ова се отвори патот кој доведе до позитивниот резултат што го споменав – истакна Сиамисис.

- Advertisement -
Ad image

За правниот спор што компанијата го имаше со Владата на Северна Македонија за прекршување на договорните обврски, извршниот директор објаснува дека тоа не е поврзано со нафтоводот и се однесува на договорот за стекнување на акциите на ОКТА и соодветната државна гаранција за минимална потрошувачка од 500.000 тони мазут годишно, нешто што не било исполнето и следеше судска разврска во корист на „HELLENiQ ENERGY“, а сега, како што вели Сиамисис за „Катимерини“ ги чекаат потезите од другата страна, за да се затвори и ова нерешено прашање.

Share This Article