More

    Писателот Марковски смета дека немањето конструктивна критика е огромен проблем

    spot_img

    Писателот Стефан Марковски вели дека група на писатели и литературни критичари сакаат да го запоседнат Друштвото на Писателите на Македонија, да валоризираат анти-вредности на, како што вели, „медиокритетска проза“ и притоа дури и се договориле кои од наградите на друштвото да си ги доделат во догледна иднина.

    „Оваа книжевна камарила сега сака да ја верификува својата „естетска вредност“ на национално ниво, преку освојување на книжевниот бастион наречен Друштво на писателите на Македонија, ниту бирајќи методи, ниту располагајќи со капацитети соодветно да раководи со институции. Тие дотолку веруваат дека позициите во ДПМ им припаѓаат токму ним што веќе дискутирале кои од традиционалните награди на Друштвото кому да се доделат во догледна иднина.
    Им посакувам онолку среќа на тој пат колку што им посакувам ‘рбет на македонските книжевни научници и критичари“, напиша Марковски на Фејсбук велејќи дека ова е мало појаснување за оние кои отстрана ги гледаат збиднувањата во ДПМ.

    Во саботата ДПМ соопшти дека пропаднал и вториот обид за свикување на Вонредното изборно собрание поради немање кворум. Друштвото останува без претседател, а тројца кандидати се откажаа од трката – Блаже Миневски, Живко Гроздановски и Гоце Ристовски. Голем дел од кандидатите самите констатираа дека постојат повеќе нерегуларности, а дека тоа може да го наруши угледот на институцијата. Стефан Марковски беше кандидат за претседател на Собранието на ДПМ, заедно со Иван Антоновски, но и двајцата се повлекоа.

    Марковски се повлече велејќи дека се злоупотребуваат потписи на дел од членството со посредство на влијателни личности од литературната сцена и наука. Во статусот на Фејсбук тој се осврнува и на недостатокот од конструктивна критика на литературната сцена што, според него, предизвикува да се валоризираат медиокритетите:

    „Нема нешто што е позагрижувачко за современата македонска литература од фактот дека континуираното сузбивање на конструктивната критика оневозможи тенденција кон објективно вреднување на некои од медиокритетски „талентираните“ прозаисти, чиишто романи или „романи“ во голема мера може да се сведат на недовршени развојни форми на проширени раскази/повести и интелектуално полузаокружени хибридни прозно-метаесеистички форми со неверојатна естетска празнотија, стилистичко-јазична и структурна инертност, како и отсуство на суштински книжевни пораки“, вели тој и додава:

    „Оваа полуизграденост доаѓа до израз при секоја посериозна анализа на нивното (не)познавање на некои од книжевните правила етаблирани не само во светската, туку и во македонската проза, каде зачетничките обрасци се идентификуваат во делата на Петре М. Андреевски, Славко Јаневски, Живко Чинго, Стале Попов, Стојан Христов итн.

    Основно правило при „кршењето на правилата“ е да ги познаваш или поточно, да ги владееш, пред да ги поместиш/прекршиш. Сепак, последниве години се испоставува дека со доволно влијание во одредени кругови, потоа со тактичко молчење на повиканите – книжевните критичари и теоретичари со адекватен „книжевен багаж“, како и со освојување награди кои носат звучни имиња (на пример, со суфикс „на годината“), овие „нови вредности“ може да се „етаблираат“ и без познавање на „старите“, се вели во написот на Марковски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img