Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Пандемијата, нагласи тој, две години оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, но „Охридско лето“ на достоинствен начин се враќа со квалитетна понуда на музички и сценски настани како што му прилега.
– Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика – истакна претседателот.
Во епоха на информациско-технолошки и научен развој, забележа дека без преседан, наместо луѓето да бидат посигурни и посреќни, живеењето на многу места во светот се претвора во борба за власт, доминација над другите и во опседнатост со материјалното.
– Сведоци сме на воени конфликти, глобални здравствени закани, непочитување на човековите права и слободи, понижување на достоинството, тектонско изместување на вредностите и губење на моралниот компас. Најтрагично е што стануваме имуни на туѓото страдање и на туѓата болка, а сочувството и солидарноста исчезнуваат од нашите животи како реликти на некое минато време. Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување – нагласи Пендаровски.
Според него, прашање е како воопшто човековата цивилизација се најде во ваква безизлезност и покрај сите мрачни историски лекции и преживеани катастрофи.
– Меѓутоа, далеку поважно е прашањето и одговорот на него: Што е она што повторно може да го хармонизира и облагороди животот, да го врати значењето на етиката, да ја актуализира хуманоста? Одговорот го знаат сите оние коишто барем еднаш биле дел од оваа манифестација, од оваа или од другата страна на сцената. Кој друг ако не уметниците и што друго ако не креативното, духовното и убавото. Или, како што вели Андре Бретон, „поетската или уметничката прегратка, како и телесната, додека трае, попречува секаков поглед врз бедата на светот“ – нагласи претседателот Пендаровски.
Затоа, како што рече, да бидеме постојано со уметноста, се разбира, не како бегство од животот, туку, напротив, како моќна алатка којашто ќе нѝ ја овозможи уметноста на живеењето.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во своето обраќање посочи дека со години „Охридските лета“ се отвораа или се затвораа со фанфари и со мелодијата по Прличевите болни и тешки зборови од „Илјада и седимстотин шесдесет и второ лето“. Но, и покрај „словото горко, словото жалосно“ од Цариград, како што посочи таа, ние имавме вера, имавме црква – ниту со декрет нè укинаа, ниту со декрет можеа да ни земат.
– Ја зачувавме својата црква, ја возобновивме Охридската архиепископија во ликот на Македонската православна црква, генерации и генерации со исконска љубов го чуваа и го зачувавме идентитетот македонски – истакна Костадиновска – Стојчевска.
И „Охридско лето“ , како што посочи министерката, е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската култура.