Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на Обединетите Нации за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.
Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а дека санитарни јазли не постојат.
– Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита. Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт – истакна Лазарини на платформата Икс.
Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација.
Во меѓувреме, израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.
Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.
Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.
Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа.