More

    Оваа лудница е измислена за рушвет, вели граѓанин измалтретиран по шалтерите на МВР

    spot_img

    Вадењето лична карта или пасош се претвори во „гумно“ за ситна корупција, мито, фаќање врски и правење услуги на „свои луѓе“ за стотици службеници, полицајци, портири и други вработени во соодветните служби, кои се во можност некому „да завршат работа“ за да закаже да се слика или да подигне лична карта или пасош преку ред, велат наши сограѓани кои поминуваат низ мачното искуство на вадење нови лични документи.

    Една од услугите е „некој“ да ве пушти пред шалтерите за подигнување пасоши или лични карти, пред воопшто да се отворат вратите на пунктот во 7 и 30 часот, иако пред нив со часови, некогаш уште од рани зори, десетици граѓани трпеливо чекаат да се отворат вратите и да влезат.

    – Ова што се случува на пунктовите за вадење пасоши и лични карти кај нас е невидена срамота што ја нема никаде во светот – го раскажува револтирано своето непријатно искуство 52-годишен скопјанец, кој работи во една балканска земја и дошол во Македонија за да извади нов пасош.

    Тој пред повеќе од 20 дена се фотографирал за нов пасош, и за тоа чекал цели шест часа.

    – Ајде тоа го истрпев некако. Но уште поголем проблем испадна да се подигне готовиот пасош. Овде никој не знае кога некој пасош ќе биде готов. Мене ми рекоа дека можам да си го подигнам на 15 јануари. Дојдов, чекав цел ден и ми рекоа дека не е готов. Молам, па како е тоа можно? Ги прашувам кога ќе биде готов, да не доаѓам и да чекам за џабе, ми велат не знаеме, дојди за ден-два. Денеска дојдов во пунктот на МТВ уште во 5 и 15 часот сабајле. За да не чекам цел ден, ајде си мислам, прв ќе влезам, ќе прашам и ако е готов, го земам и си заминувам. Чекав пред затворена врата цели три часа. Наместо во 7:30, отворија дури во 8 и 20! И навистина, кога ја отворија вратата влегов прв и има што да видам – дваесетина други луѓе, влезени низ којзнае какви ходници, или од задни влезови, со пријатели или со подмитување, веќе чекаа на шалтерите кои штотуку се отворија! А нас нѐ прават будали да чекаме пред затворена врата! Па добро, какви луѓе живеат овде, важат ли овде некои правила или секој си прави што сака? – вели револтираниот скопјанец, кој ни испрати фотографии направени во моментот на отворањето на вратите на пунктот, на кои се гледаат влезените „пред време“.

    За негова несреќа пасошот и денеска не бил готов, ниту пак некој можел да му каже кога ќе биде завршен.

    – Потоа направив муабет со тие околу мене и ми кажаа како се прават работите овде. Треба да имаш „некој“ да ти заврши работа, или да си платиш, најмалку 1.000-1.500 денари. И навистина, еден полицаец, кој ме слушаше како се расправам на шалтер, ме тргна на страна и ми вели, еве ти мој телефон, јави ми се, ќе проверам дали ти е готов пасошот. Додуша, не спомна пари, ама не знам што ќе каже кога ќе му се јавам – вели нашиот сограѓанин.

    Тој вели дека некој треба сериозно да испита дали оваа ситуација со пасошите не ја користат разни службеници за собирање „рушвет“.

    Да биде неволјата поголема, тој мора да остане во Македонија додека не си го добие пасошот за да може да се врати во земјата каде што работи, и од каде отсуствува од работа.

    – После ова искуство, никој не треба да се чуди зошто ние Македонците се иселуваме, и стари и млади. Ова никаде го нема, ваква неспособност, непрофесионалност, неорганизраност… Да ви кажам, додека чекав во редиците се изнаслушав муабети и за политика. Со оваа катастрофа со пасошите и личните карти се изврши целосно самоубиство. И на тие што некогаш ги поддржувале, им се прели чашата – раскажува нашиот соговорник.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img