Европратениците бараат од институциите на ЕУ да се справат со структурниот расизам во ЕУ, преку подобрени правила на застапеност, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова произлегува денеска од резолуција изгласана со 442 гласа за и 114 против.
Европскиот Парламент ги повика институциите на ЕУ да воведат нови подобри правила со кои диверзитетот и застапеноста ќе се зајакнат, тие предупредија и дека се шири расизам преку медиумите.
Малцинствата, мигрантите, ЛГБТ+ заедницата се соочуваат со дискриминација, расизам, омраза, полициско насилство, отежнат пристап до судскиот систем и постојана нееднаквост, гласи резолуцијата.
Таа додава дека расистичкиот дискурс во медиумите треба да ги алармира институциите во ЕУ, посебно теории на заговор како онаа за “Големата замена”. Оваа расистичка теорија на заговор сугерира дека “мигрантите” од Африка и Блискиот Исток ќе го “заменат” локалното население преку повисока стапка на наталитет. Европратениците изразија загриженост што оваа теорија е сѐ поприсутна во големи медиуми, а доаѓа директно од наративот на екстремната десница.
Структурниот расизам има директни последици врз животот на засегнатите, како децата, кои остануваат заглавени во циклус на сиромаштија. Посебно внимание се бара да се обрати на омразата кон Ромите, Евреите, но и интергенерациската сиромаштија со која се соочуваат жените со африканско потекло и други етнички потекла.
За да се справи со оваа борба, Европскиот Парламент повикува на усвојување на директивата против дискриминација која е блокирана од 2008, како и соодветна имплементација на директивата за расна еднаквост и еднаквост на пазарот на трудот.
Парламентот на ЕУ сака и директива за борба против домашното насилство и насилството против жените и јасна забрана за родово базирано насилство.