Осумчлено семејство, државјани на Република Северна Македонија, се наоѓа во загрозените подрачја на Судан, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР), кое стапило во контакт преку амбасадата во Каиро и добило потврда дека сите членови се во добра здравствена состојба.
„Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан. Информираме дека во тек се активности за да се обезбеди нивна скора евакуација, и трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон земјава“, соопшти МНР.
Четворицата наши државјани кои претходно го напуштија Судан кон Саудиска Арабија се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјава.
МНР апелира доколку има наши државјани кои се наоѓаат на територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на телефон +201033615542 и е-мејл cairo@mfa.gov.mk, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса abudabi@mfa.gov.mk, како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и емејл globalsos@mfa.gov.mk“.