Осми мај е можниот датум за одржување на втор круг од претседателските избори заедно со парламентарните избори.
Денеска премиерот Димитар Ковачевски изјави дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите во нивниот редовен термин, но дека конечниот договор меѓу партиите ќе се соопшти деновиве.
Според уставните рокови, 8 мај е последен термин во кој може да се одржи втор круг од претседателските избори и прв термин за одржување на парламентарните избори. Претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна објасни дека единствен термин за да се одржат заедно претседателските и парламентарните избори во редовен термин е 5 мај, но бидејќи на тој датум е Велигден, споени избори може да има на 8 мај во среда.
По изјавата на Ковачевски следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова е чекорот што го баравме и го очекувавме со оглед на тоа што споени избори се единствен логичен расплет на настаните со тоа што ќе се одбегне грч на стопанството и потребата финансиски да се оптоварат граѓаните преку зголемени трошоци за евентуални разделени избори – рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во врска со најавата на Ковачевски.
Ако изборите се закажат на 8 мај, тогаш Собранието до 29 јануари треба да ја избере техничката влада, чиј мандат е 100 дена пред парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори ќе треба да се одржи на 24 април, а изборите за шеф на државата да се распишат на 27 февруари.
Двојни избори веќе побара ВМРО-ДПМНЕ, а и ДУИ најавија дека не се против овој предлог. Ништо против немаа ни Алијанса за Албанците, ни албанските опозициски партии.