Северна Македонија е лакмус тест на процесот на проширување на ЕУ со сите негови падови и подеми, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во воведното обраќање на брифингот во Центарот за европска политика во Брисел на тема „Северна Македонија и ЕУ: Движење кон поголема интеграција?“.
Османи потсети дека земјава го почна процесот на придвижување кон Унијата заедно со Словенија и Хрватска, денес овие две земји се веќе членки на ЕУ, а Македонија сѐ уште не ги почнала преговорите по кластери и чека толку време поради билатерални прашање.
– Членството во ЕУ е стратешка цел на Северна Македонија, за која нема алтернатива – нагласи Османи, додавајќи дека земјава е во срцето на континентот и културолошки и историски и припаѓа на Европа, за што доказ е тоа што две третини од трговската размена е со земјите од ЕУ.
Тој нагласи дека во услови на зголемена нестабилност на континетот поради руската инвазија на Украина, процесот на проширување добива на значење и претставува движечка сила за регионот.
Според него, токму билатералните прашања го потпкопаа кредибилитетот на проширувањето во земјава, која иако имаше позитивни препораки за преговири и ги исполнуваше Копенхашките критериуми, сепак не го почна преговорачкиот процес.
Османи истакна дека токму тоа поткопување на кредибилитетот на проширувањето ги поттикнува националистичките реторики.
Но, геополитичкиот контекст со руската агресија на Укрина, според Османи, го истакна значењето на интеграцијата на Западниот Балкан, а изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед претставува јасна порака дека поставувањето на 2030 година како цел за прием на нови членки му дава нова рамка на процесот на проширувње.
– Во овој момент ги елиминираме сите дебати за алтернативи на проширувањето на ЕУ и за нас нема друга опција освен полноправно членство во ЕУ – истакна Османи.
Сепак, според него, треба да се пополни празнината меѓу денешнината и 2030 година со повеќе интеграција на земјите пред нивното полноправно членство во ЕУ, бидејќи тоа што досега кандидатите за членство не добиваа никакви привилегии создаваше фрустрации и нестабилност.
– Наша цел е да го исполниме преостанатиот политички услов за уставните амандмани и без натамошно одлагање да продолжиме кон отворање на Првиот кластер до крајот на 2023 година. Од друга страна, време е ЕУ да дејствува сега и да го направи тоа без двоумење. И судејќи според неодамнешните изјави, мислам дека овој начин на размислување конечно пристигна во сите главни градови на ЕУ – предочи Османи.
Османи се осврна на долгиот пат на државата кон членство во ЕУ, истакнувајќи го доследното придржување кон Копенхашките критериуми и цврстата определба за добрососедски односи и регионална соработка. Го истакна членството на Северна Македонија во НАТО и нејзиниот 100-отстотен придонес во надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а ја нагласи и улогата на Северна Македонија како актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и А5-Јадранската повелба.