Центристичката влада на францускиот претседател Емануел Макрон преживеа две гласања за недоверба, кои пратениците од опозицијата ги иницираа затоа што протестираат против употребата на специјално уставно овластување за воведување предлог-закон за буџет во Собранието без гласање.
Левичарската коалиција Нупес и екстремно десничарската партија Национално собрание поднесоа два посебни предлога за гласање недоверба.
Само мал број пратеници ги одобри двата предлози, многу помалку од потребните 289 гласови или половина од Долниот дом на францускиот Парламент.
Десничарската опозициска партија Републиканци не ги поддржа потезите на остатокот од опозицијата.
Предлог-законот за буџетот за следната година затоа се смета за усвоен без гласање и сега за него ќе се расправа во Сенатот.
Француската премиерка Елизабет Борн ја оправда својата одлука повикувајќи се на членот 49.3 од францускиот Устав.
-Тоа не е лесна работа, но во овие тешки времиња, таа одлука беше неопходна. Моравме да им обезбедиме на Французите буџет во согласност со нивните демократски избори и во согласност со нашата политичка насока – рече таа.
Центристичката алијанса на Макрон го загуби своето парламентарно мнозинство во јуни, што го отежнува усвојувањето на законите на неговата влада во Долниот дом на Парламентот, каде што се соочува со повеќе амандмани на буџетот на опозицијата.
Лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен рече дека употребата на членот 49.3 ја покажува „слабоста на Владата и пред сè нејзината неспособност да се обедини и да игра демократската игра” и го осуди „одбивањето на Владата да разговара и да прифати компромиси”.
Дебатата во Националното собрание доаѓа по неколкунеделните протести на работниците во складиштата за гориво кои предизвикаа недостиг на бензин. Минатата недела, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците барајќи зголемување на платите поради инфлацијата.
И покрај губењето на мнозинството, Центристичката алијанса на Макрон сè уште има најмногу места во Националното собрание со 250 членови.
Нупес е најголемата опозициска сила и има 151 пратеник, додека партијата Национално собрание има 89 пратеници.
Во текот на денешниот ден се очекува да биде одбиено уште едно гласање за недоверба.