Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче кое пред пет дена беше донесено во критична состојба во Клиничкиот центар во Скопје и таму се лекува, ќе добијат старател по службена должност, односно ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, потврдија за МИА од Министерството за труд и социјална политика.
Како што информираа оттаму, по пријавувањето на случајот од Струмичката болница, каде девојчето напрвин било донесено и потоа е испратено на лекување во Скопје, тим од струмичкиот Центар за социјални работи излегол на терен и утврдил дека децата привремено се згрижени кај дедото, а од утре ќе почне процедурата за сместување во згрижувачко семејство.
ОД МТСП додаваат дека семејството не е евидентирано во системот, бидејќи имало привремен престој во Струмица и членовите на семејството немале лични документи и не можеле да остваруваат права од социјална и детска заштита.
– Во текот на наредните работни денови случајот ќе продолжи да се следи и ќе се преземат законските мерки за заштита на децата. Предвидено е и работа со мајката со стручен тим за зајакнување на капацитетите во делот на родителството и грижа за децата, а во тој период тие ќе бидат сместени во згрижувачко семејство – велат од Министерството.
Инаку, првично мајката на девојчето пријавила дека повредите се од напад на куче, но истражните органи проверуваат дали тоа е вистинската причина. Случајот го води Основното јавно обвинителство во Струмица.