Во критична состојба на КАРИЛ е пациентката која синоќа скокнала од прозорецот откако претходно се породила на Гинекологија во Скопје, изјави директорката на скопската Клиника за гинекологија, Викторија Јовановска.
Таа рече дека родилката немала посериозни психолошки проблеми, но не сакала да го дои бебето, а тоа, според директорката, не се случува првпат.
Јовановска додаде дека кај една од 10 породени пациентки се случува психолошко пореметување по породувањето.
– Не може да ги држиме прозорците затворени и да ги чуваме родилките како да затворенички. Предлагам психихатар да ги посетува родилките еднаш во неделата и да разговара со мајките за да се увиди нивната психичка состојба. Впрочем, на сите нас ни е потребен психијатар, а не само на родилките – рече Јовановска.
Пациентката на Клиниката била донесена во 36. недела од бременоста во средата со крвавење во последниот триместар од бременоста. Пациентката веднаш била прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и било утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба што витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката.
Пациентката била примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција.
Во петокот, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена согласно дадените препораки. Следниот ден, пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус.
Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, наведено е во соопштението.
Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за Пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат, велат од Гинекологија.