Од почетокот на годината до 1 март се регистрирани вкупно 120 случаи на голема кашлица на територијата на Скопје, денеска изјави доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) за Медиумската информативна агенција (МИА).
На Универзитетска Клиника за детски болести во Скопје моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено во скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна, потврди професорката Светлана Кочева од Клиниката за детски болести за МИА.
Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, а големата кашлица и грипот се меѓу темите на расправа. Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Во последниот извештај за големата кашлица на Институтот за јавно здравје се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, сите вакцинални пунктови во земјата од 18 јануари досега, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.
Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски на 28 февруари изјави дека при контролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци.
– Ги зголемивме контролите, како што ветив пред 1 недела, а инспекторите се на терен. Добивме записници по основ на самите инспекциски надзори. Досега не се констатирани прекршувања, односно во решенијата доставени од инспекторите, градинките го почитуваат законот за прием на деца кои немаат вакцинални картони, односно се здрави. Има контроли, инспекторите се на терен, постојано сме координирани и се надевам дека ќе придонесеме до тоа да не се рашири повеќе оваа болест – нагласи техничкиот министер за труд и социјална политика.
На 15 февруари, министерот за здравство Илир Демири беше прашан за неговиот став за состојбата со големата кашлица.
Според него, невакцинираните деца не треба да се вратат во градинка.
– Прво треба да се вакцинираат, па да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите, а и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите вакцинирани деца треба да одат во градинка. Околу невакцинираните деца, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето – одговори Демири на новинарско прашање.