Од 1 јануари годинава е забрането плаќање во кеш за суми повисоки од 2.000 евра. Доколку сакате да купите каков било производ или да платите услуга повисока од овој износ плаќањето мора да го извршите преку платежна картичка или со уплатница во банка. Ова ограничување е резултат на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам со кој секоја година се намалува износот кој се користи за плаќање во готово, а важи за граѓаните и за фирмите.
Иако Владата ова го правда со борбата со сивата економија, граѓаните се сомневаат дека тоа ќе ја намали сивата економија бидејќи се сведоци на манипулации од страна на фирмите кои го користат кешот во прометот и исплаќаат дел од платата на рака.
Економисти и бизнисмени сметаат дека е добро што државата преку намалувањето на можноста за плаќање во кеш се обидува да застане на патот на сивата економија и малверзациите, односно прикривањето на дел од прометот кој потоа останува неоданочен, но треба да внимава на долната граница за плаќање во кеш и да изгради силни механизми на заштита на граѓаните при безготовинско плаќање и низа други мерки со кои ќе се пресече патот на кешот кој го користат одделни фирми за кој државата нема контрола.
– Добро е што се намалува лимитот за користење на кешот во прометот бидејќи со тоа ќе се намали можноста од малверзации. На овој начин се отвора можност да се следи движењето на овие пари и да се утврди кои компании го користат и дали се тие во сивата економија. Оваа мерка е добра бидејќи ја намалува можноста за прикривање на дел од прометот кој државата не го гледа и не може да го оданочи – вели Ангел Димитров од организацијата на работодавачи.
Според него, кешот најмногу се користи во занаетчиството, угостителството, во мали фирми и фирми кои дел од приливот на пари го добиваат на жиро сметки во странство, но големите фирми и фирмите кои извезуваат се ограничени во однос на користењето на готови пари само во одделни случаи.
– Домашните жиро сметки на компаниите ги следи УЈП, но таа нема увид во патот на готовите пари или на сметките кои се во банки во странство кои кога се пуштаат во промет како кеш не се оданочуваат. Како овие пари од сметките во странство потоа доаѓаат во земјава треба да одговори државата која има механизми да ги открие и следи. Дел од овие пари се регистрирани како надворешни приливи кои изнесуваат 1,6 милијарди евра, а кои не се само дознаки на нашинците привремено вработени од странство. Приливите од нив се проценуваат на 150 до 250 милиони евра и дел ги оставаат во кеш – вели тој.
За економистот Маријан Николов мерката е во рамките на трендот во повеќето европски земји за намалување на оптекот на готови пари во прометот за да се намалат малверзациите, но тој смета дека при утврдувањето на лимитот потребно е да се направи анализа за да не се компликуваат одделни плаќања кои ги прават граѓаните.
– Се проценува дека во земјава во оптек има меѓу 1 и 2 милијарди евра во готовина и таа готовина е главно кај граѓаните дома, не е во банките. Што значи дека државата освен овој лимит треба да изгради и други механизми како да ги врати овие пари во оптек. Треба да реагираат и банките со повисоки каматни стапки на депозитите за да ги натераат граѓаните да ги стават тие пари во банките, но истовремено со воведувањето на безготовинско плаќање треба да се изградат и силни механизми на заштита на трансакциите и подучување на граѓаните да го користат овој вид плаќање бидејќи повозрасните генерации и жителите на одделни средини не ги прифаќаат новите технологии – вели Николов.
Според него, во однос на користењето на кешот во прометот од страна на фирмите може полесно да се реагира преку ангажман на инспекциите и Царинската управа.
– Сивата економија се толерира веќе 20 години во земјава и редно е да се стави крај на вакво незаконско однесување на фирмите кои не само што се конкуренција на фирмите кои работат законски, туку и ја изигруваат државата со неплаќање даноци и придонеси и ги нарушуваат правата на работниците со исплата на дел од платите во готовина и одбегнување на плаќање на персонален данок и придонеси кои подоцна ќе се одразат на остварувањето на правото од пензија кај работниците – вели тој.
Тој додава дека владата ќе треба да ја следи политиката на банките кои сѐ повеќе го истиснуваат кешот од употреба со различни стимулации, но треба да внимава до кој износ ќе ја намали границата за плаќање во кеш за да не им се создаде на граѓаните проблем при купувањето на одделни производи.
– Банките наоѓаат начини како да ги стимулираат граѓаните да плаќаат со картички или онлајн. Практично се гледа и со затворањето на одделни филијали со што им се намалува можноста на нивните клиенти да подигаат кеш иако овој кеш се регистрира. Но мислам дека заедно со ова треба да работат на безбедноста на плаќањето и да се намалат можностите за измами. Сепак, мислам дека при утврдувањето на најнискиот лимит ќе треба да се направи добра анализа бидејќи ќе се отвори проблем дел од некои добра граѓаните да не можат да ги купат поради најразличните ограничувања при безготовинското плаќање поради што ќе треба да трошат и време и нерви додека го извршат плаќањето преку банка – вели Николов.
Дел од експертите сметаат дека владата со откажувањето од дел од даночните реформи ја пропушти можноста да се справи со сивата економија која најчесто го користи кешот во работењето. Според нив, секое истиснување на готовината од оптек со сигурност ќе ја намалува сивата економија бидејќи нејзин извор е токму кешот.
Граѓаните со различен став кон намалувањето на можноста да плаќаат во готово. Тие што имаат платежни картички не се потресуваат многу за тоа дали ќе треба да носат со себе и кеш, но оние кои сѐ уште повеќе веруваат во готовината, негодуваат.
– Владата мисли само на младите кои знаат како да ги користат картичките, интернетот… А дали мисли на нас постарите кои немаме картички и не знаеме да ги користиме. Зарем ќе ни забрани и на пазар да користиме пари. А како ќе купуваме поголеми работи – бела техника, мебел… Треба да се размисли и за нас кога ќе се намалува износот – вели повозрасна жена која ја анкетиравме.
Дел од граѓаните кои се вработени и се изложени на манипулациите на нивните газди се жалат дека чести се случаите кога дел од платата ја добиваат во кеш и остануваат покуси за плаќање на целосниот износ на придонеси.
– Работам во скопска фирма и од неодамна газдата ни соопшти дека нема доволно пари за целосна законска исплата на платите. Ни кажа дека ќе нè пријави на минимална плата, а остатокот од платата ќе треба да го добиваме, некое време, на рака или на сметка на некој од нашите роднини, за да не плаќа придонеси на целата плата. Некои напуштија работа и се префрлија во други фирми, а поголемиот дел бидејќи сме млади прифативме да работиме на ваков начин, се разбира со негодување. Чудно е што во овој период не сме почувствувале дека фирмата нема работа, туку напротив не креваме глава од работа, а работиме и по дома само да се заврши планот, а газдата ни тврди дека нема пари да ги исплати придонесите во целост – вели Бранка Б.
Според последните измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, следната 2025 година лимитот за плаќање во кеш ќе изнесува 1.000 евра.
Лимитот се менуваше во последните години од почетната сума од 15.000 евра на 2.000 евра, па на 1.000 евра за потоа да стигне до 500 евра додека министер за финансии беше Драган Тевдовски. Но по реакција на бизнис секторот лимитот за плаќање во кеш се искачи на 3.000 евра и сега повторно се намалува.
Во земјава секоја година се бележи пораст на безготовинското плаќање. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека последниот квартал од претходната година бројот на трансакции на граѓаните на продажни места или онлајн се зголемил за 12,8%. Притоа, значителен годишен раст од 15,1% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, којшто пред сѐ се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9%. Употребата на апликациите на мобилните телефони има годишен раст од 19,5%, додека употребата на компјутерите за извршување на плаќањата е зголемена за 11,8%.