За шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, станува јасно дека случајот со двојното убиство во локалот Шиша бар во Старата скопска чаршија е пресметка за позиции на нарко-пазарот. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат тој рече дека, сепак, надлежните сè уште ги истражуваат мотивите.
– Во овој момент не можам да кажам повеќе освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на нарко-пазарот кој очигледно е многу важен за таквите структури – рече Бубевски.
Тој рече дека 40 до 50 чаури се пронајдени околу телата на убиените.
Обвинителот вели дека за предметот да премине од фаза на предистрага во истрага, клучно е да се знаат конкретните сторители на кривичното дело.
Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи во понеделникот на 6 март. Убиени се две лица, а едно е повредено. Според неофицијалните информации, убиените се Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што ги соопшти полицијата.