Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во емисијата Дебати на ТВ Шења индиректно го обвини поранешниот премиер Зоран Заев дека злоупотребил државни објекти во кои што, како што рече, бил чуван пратеникот на БЕСА Кастриот Реџепи кога во ноември лани не се појави на собраниската седница на која требаше да се гласа за доверба на Владата.
– Дали поранешниот премиер Зоран Заев злоупотребил државни објекти во кои што го чувале Кастриот Реџепи и дали државни објекти, пред сѐ, премиерската вила и премиерските простории се злоупотребени за Кастриот Реџепи да е чуван – праша Николоски, додавајќи дека ако не е така нека го демантираат.
Николовски истакна дека откако ќе се смени власта сѐ ќе излезе на виделина.
– Сѐ што имав да кажам го кажав на мојата прес конференција и јавни настапи. Мое приватно право е каде престојувам во одреден ден според мојата проценка за мојата безбедност и на моето семејство. Најбитно е дека јас како пратеник со мандат го искористив моето уставно право да одлучам според моето убедување и со тој потег се обезбеди стабилно зголемено мнозинство и непречен дијалог со Република Бугарија – изјави Реџепи денеска за „Фокус“.