Никола Груевски вџашен од денешните сведочења во „Плацеви за Водно”

Lorita
By Lorita 17 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
„Ова не е правда. За правда треба докази а не изнудени лажни изјави со брутални методи кои немаат врска со демократија, кои немаат врска со фер постапка и кои имаат врска само со желба и порив за уништување. Ова е перфидна игра која е полоша и од војна бидејќи во војната сепак има некои правила. Ова не е правда. Преблаго е ако кажам дека ова не е фер, бидејќи станува збор за нешто многу полошо и пострашно. Ова го нема ни во Африка”.
Ова е коментарот на поранешниот премиер Никола Груевски на денешните сведочења на обвинети лица во случајот “Плацеви на Водно”, објавен во долг пост на Фејсбук.
„Во последните денови обвинителката Лиле Стефанова  која во последните 7-8 години се занимава речиси без исклучок со конструирани случаи против лица од ВМРО-ДПМНЕ, по истата методологија како во ‘Титаник’, нудејќи милост на други обвинети со пресуди кои нема да ги однесат во затвор, очигледно викајќи ги еден по еден обвинетите  направила нечесна спогодба, како на пазар, со повеќето обвинети, со која доколку ги сменат досегашните изјави и целата вина ја префрлат на мене, ќе им даде ослободителна пресуда или блага казна со која не би оделе во незаслужен затвор.
Доколку го добие тоа што треба обвинетите да и испорачаат, ќе прати порака на судот за видот и висината на казната, овој ќе ја преточи во пресуда и нема да следи жалба, бидејки обвинителот е задоволен, обвинетите се задоволни, сите  се задоволни. Освен правдата, правичноста и вистината, употребени во обид за мое уништување и осудување со долгогодишна казна затвор. Луѓе кои  цела година и половина се под тортура, по притвори, под закана итн, и ги издржаа тие премрежија и предизвици, се бранеа со сите сили, докажувајќи ја вистината, докажувајќи дека обвинението кон нив и кон сите е лажно, невистинито и конструирано, кои ги издржаа сите тие репресии, на крајот кога веќе обвинителството беше пред пораз со овој лажен и конструиран случај, соочени со моќта и безкурпулозната бруталност на власта преку обвинителството, подклекнаа и одлучија да ‘продаваат’ други луѓе за да се спасат. Не се тоа ‘предавања’, бидејќи предавање претпоставува дека нешто се случило па некој кажал за тоа, туку тоа е прифаќање на нечесната понуда за ‘продавање,’, со цел тргување за сопствен спас, со што прифаќаат срамно да се спасуваат”, коментира поранешниот премиер, првообвинет во “Плацеви на Водно”.
Груевски ги коментира сите денешни сведочења. Овој дел од неговиот пост на Фејсбук го пренесуваме во целост:
„Денес во судот прв изјава даде обвинетиот во случајот ‘Плацеви Водно’ Ристо Новачевски, кого во 2020 година го ставија во притвор со цел да изнудат изјава каква што сакаат, која од тогаш па до денес ја промениле со цел да биде уште полоша за мене.
Шпекулациите на медиумите уште кога Ристо Новачевски излезе од притвор без посебни мерки, беа дека е уценет и договорен да служи како инструмент на обвинителството, со цел да се спаси со ослободителна, условна или некоја друга ниска или симболична казна, независно дали тоа ќе се случи на првостепениот суд или на повисоките судови, се покажаа точни, освен во делот дека тој ќе биде сведок како што очекуваа.
Но, обвинителството, за да го држи под цврста контрола до последен момент, наместо сведок, го направи обвинет и буквално му диктира што да каже во денешната изјава.
Во обвинителството беа свесни дека во случајот ‘Плацеви Водно’ имаат загубен предмет и на Ристо Н. гледаат како на последна шанса да се вратат некако во игра, иако било кој од стручните лица, ако ги прашате  ќе кажат дека тежината на исказот на обвинет кога говори против некој друг за себе да се ослободи е никаква, бидејќи се смета дека обвинетиот може да лаже за да си помогне себеси за разлика од сведокот (освен сведоци кои се исто така обвинети и уценети во друг случај и се под закана во случајот на истиот обвинител во други предмети).
Ристо Новачевски денес кажал дека сум го повикал и сум му кажал дека сакам да правам градежна фирма и да се бавам со градежништво, па сум му предложил тој да биде управител.
Ристо Н. срамно лаже. Тоа не е вистина. Никогаш не сум помислил да правам градежна фирма, а уште помалку Ристо да е управител. Никогаш преку никаква и ничија фирма или лице не сум купил земјиште или станови. Преку овој лажен исказ сакаат да кажат дека кога бев премиер, кога работев по 15 часа на ден да ја придвижам земјата напред и кога Македонија под мое водство како премиер редеше успеси на секое поле, економијата растеше со највисоки стапки во Европа и имавме успешни реформи на секое поле, јас сум сакал да станам градежник. Тоа е бесрамно лага.
Ристо Н. денес во изјавата се надминал себеси и од изјавата која ја дал кога бил во притвор во 2020 година. Тогаш таму потпишал исказ дека сум го викнал и сум му понудил да биде управител на фирма на некои странски инвеститори. Тоа е неговата изјава во есента 2020 година. Тогаш не вели дека јас сум сакал да правам градежна фирма  туку дека странски инвеститор  бара управител и дека тој прифатил.
Ова е всушност трета негова изјава на оваа тема и сите три се различни.
Во првата изјава во обвинителството уште во август 2015 година тој кажал дека одреден бизнисмен, кој за жал денес не е веќе жив, го викнал на средба и му го понудил местото управител во фирма на странски инвеститор кој сака да вложува во земја и во градба на куќи. На прашање на обвинителот дали Никола Груевски има некаква врска со тоа, Ристо Новачевски  одговорил дека Никола Груевски нема ништо со оваа компанија, ниту пак со локациите.
За ова, како и за втората изјава постојат записници потпишани од него и секако од обвинителот.
Пет години подоцна  во 2020 година, во втората изјава дадена додека е во притвор и под закана, наместо конкретно споменатиот бизнисмен, како лице кое му понудило да биде управител на странска фирма во сопственост на странски инвеститори, спротивно на претходната негова изјава, лажно ме посочува мене, дека јас сум му го кажал тоа.
Во меѓувреме, во овие година и половина, соочена со губење на предметот, на обвинителката и дошла на памет уште поконкретна формулација за да ме обвинат мене, па денес во оваа трета верзија во судот се објаснува дека јас не сум му рекол дека е тоа за некој странки инвеститор туку дека е моја фирма и дека јас сакам да се бавам со градежништво со таа фирма.
Во меѓувреме, заборавија дека на почетокот со месеци, речиси една и пол година, ме обвинуваа дека сум сакал да градам куќа во која би живеел.
Откако фотографиите кои ги лиферуваше обвинителството во јавноста со некаква луксузна куќа, се испостави дека се извадени од некој австралиски магазин за убави куќи во Австралија, сега приказната ја променија и тврдат дека сум сакал да имам градежен бизнис на тоа земјиште, што значи да градам и продавам куќи. Практично во самиот финиш го менуваат обвинението.
Не разбирам како не им е срам, вака лажејќи, сами себе да се побиваат, односно да си ги менуваат претходните лаги со нови, на начин што и мали деца не го прават тоа во нивните игри.
Тоа е срамно лажење, а уште посрамно е со какви средства обвинителството се обидува да издејствува како што тие ова го нарекуваат со зборот ‘Победа”, кога разговараат со околината за овој и другите случаи од политичкиот прогон.
Каква победа е таа со лаги, интриги, изнудени изјави, давање милост во ист или друг предмет против обвинетите, местења на судски случаи и уцени на луѓе да дават лажни изјави во судот за да одбегнат долгогодишен затвор? Тоа не победа. Тоа е зло!
Се фалат со докази од меѓународна правна помош од Кипар, а не кажуваат дека ниту сум уплатил таму пари, ниту во готовина ниту жирално преку банка, ниту мој близок уплатил, ниту било кој од Македонија.
Едно време тврдеа дека со готовина од партијата прибрана од чланарини и донации сум го купил земјиштето. Од доказите и вештачењата кои сами ги нарачаа излезе дека формата која го купила земјиштето немала примено никаква готовина или популарно наречено ‘кеш’ од никаде.
Нивните ‘победи’ се со играње со човечки судбини, со ставање и држење луѓе во притвор додека не им прифатат да дадат изјава каква што сакаат, со уцени и лажни конструкции.
Еден експерт во правото кој го познава случајот неодамна ми рече: ‘Ристо Н. е измислен обвинет, за да се принуди да дава изјава против тебе’. Тој нема прекршено закон, но ставен во притвор и уценет, со влезени инспекции во неговите фирми со цел да ги уништат, доаѓа до заклучок дека и без прекршување закон може да биде осуден во оваа држава, освен ако не даде изјава со која тој нема да биде осуден на ефективен затвор, но со лажно сведочење ќе помогне тоа да бидам јас.
Ристо Новачевски е крајно контрадикторен во целата изјава. Тој вели дека сум му кажал дека тој треба да биде управител, а Алек (Александар Ивановски) ќе ја завршел работата. А самиот Алек во изјавата кажа дека тој речиси не се познавал со мене. Дека никогаш јас не сум побарал да ми купи земја или стан, ниту било кога сме ја разговарале таа тема.
Немањето логика се гледа во тоа што ако Алек ми бил близок за тој да ја ‘брка работата’ зошто Ристо а не Алек би го ставил за управител во ситуација кога навистина би го правел тоа.
Подоцна изјава дал и Орце Камчев. Тој во сите негови изјави досега, како во обвинителството така и во судот, тврдеше дека Ристо Новачевски му го понудил земјиштето да го купи и нему му се допаднало за градба на рехабилитациони центри и затоа го купил.
Издржа во неговата борба за докажување на вистината цели осум месеци притвор со тешки репресии и кога излезе од притворот низ неговите прашања кон сведоците пак го тврдеше истото и куп сведоци донесе да кажат каков рехабилитационен центар сакал да гради и колку му било значајно тоа и дека не увидел никаква поврзаност на фирмата која го продава земјиштето со мене. Дури докажуваше и дека воопшто не сме биле блиски, што е точно.
Денеска, во очигледно во последните денови координиран договор  и тој кажал дека Ристо Новачевски му го понудил земјиштето да му го продаде и дека му рекол дека било мое, а тој го купил плашејќи се од одмазда од мене ако не го купил. Значи, било кој што се знае со мене ако му понудил на Орце нешто да купи тој ќе купил без да провери дали е тоа така. Такво нешто Камчев никогаш не би направил, но во лагите сè е можно.
И Орце Камчев ‘се испазарил’ и ‘преку ноќ’ ја сменил изјавата и погазил се што збореше до сега, изјава за која цела јавност ја убедуваше дека е вистина и жестоко ја напаѓаше обвинителката речиси на секое рочиште дека прави лажна конструкција. Уште и додал дека земјиштето го платил или трампал со некакви три апартмани во некоја зграда со име ‘Панорама’ или слично на тоа, нешто што никогаш не се случило, ниту пак имам или некогаш сум имал такви апартмани во вкупна големина од 750 квм, кои чекале за примопредавање, со што сам се негира дека ми дал некаква компензација. На прашање дали сум ги презел тие станови, кажал дека не и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев.
Какви лаги!!! Неверојатно!!! Не можам да поверувам!!!
Ниту поседувам такви станови, ниту некој ми чува станови некаде каде не знам ни каде е тоа, ниту со некого сум договарал такво нешто. Па така секој што има станови може да каже – еве овие станови кои не ми се продадени ги чувам за Груевски. Еден ден да му ги дадам и да ги преземе. Каква лудост!
Ја посочил неговата сестра Тина Камчева, дека наводно преку неа сум му праќал пораки што да правел и како да постапувал. Со Тина Камчева и со Мето Стојчевски се познавам и неколку пати семејно сум се сретнал, но никогаш ниту сум праќал пораки на Орце за некакво земјиште и станови, ниту нешто што наликува на тоа. Претпоставувам дека сега и нив ќе ги викаат за сведоци да го спасуваат со лажно сведочење нивниот брат и шура. Јас не знам како сите овие луѓе мирно ќе спијат после сето ова, како ќе се справуваат со грижа на совест местејќи ме мене за да се извлечат, како ќе живеат со тоа.
И конечно, Орце Камчев година и пол зборува друга приказна. Јас немам никаква политичка моќ и се прашувам од која одмазда и од кого до вчера кажуваше сосема обратно од тоа што денес го кажа.
И извесен Нено Јосифовиќ, близок на Орце Камчев  кој лично никогаш не сум го сретнал, во неговата изјава кажал дека Алек Теранова  му рекол дека фирмата му треба за Никола Груевски, а самиот Алек кажа дека никогаш не сум зборел со него на таа тема.
Оваа игра е смислена неодамна и е набрзина обмислена, па така многу од денешните изјави се контрадикторни на доказите на обвинителството.
Невидена игра, како во холивудски филм. Но, во тие филмови секогаш победува правдата и вистината. За сега ми останува да верувам дека порано или подоцна и во оваа голема хајка на власта против мене, во која не се бираат средства, ќе победи вистината”.
Share This Article