Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја е подготвена за силна акција на север, на границата со Либан, пренесуваат новинските агенции.
„Кој мисли дека може да не повреди и дека ќе седиме со скрстени раце, прави голема грешка. Подготвени сме за многу силна акција на север. На овој или оној начин ќе ја вратиме безбедноста таму“, рече Нетанјаху во северниот дел на Израел во близина на таканаречената сина линија што го дели Либан од Израел од 2000 година.
На почетокот на оваа недела, израелската армија и службите за итни случаи гаснеа големи пожари предизвикани од ракети истрелани од јужен Либан кон Израел.
Борбите меѓу израелската армија и либанскиот проирански Хезболах ескалираа во последните денови, јавуваат израелските медиуми.
„Земјата вчера гореше и среќен сум што го изгасивте пожарот, но земјата гореше и во Либан“, рече Нетанјаху.
Израелските војници речиси секојдневно разменуваат оган со припадниците на Хезболах и другите антиизраелски сили од почетокот на војната во јужниот дел на Појасот Газа против палестинскиот Хамас.
Во прекуграничните конфликти, во Либан загинаа 400 луѓе, главно борци, но и 70 цивили. Во Израел загинаа 15 војници и десет цивили.
Во вторникот началникот на израелскиот Генералштаб Херзи Халеви изјави дека Израел е подготвен за офанзива долж северната граница со Либан и дека се ближи одлуката.
Хезболах претходно најави дека не бара поширок конфликт, но дека е подготвен за секоја војна што ќе му се наметне. Заменик-лидерот на таа шиитска организација, шеикот Наим Касем, за ТВ Ал Џезира изјави дека либанскиот фронт нема да запре додека не заврши војната во Газа.