Србија ветила дека нема да продава литиум на кинеските производители на автомобили и дека кога ќе развие едно од најголемите наоѓалишта на тој метал во светот, предност ќе имаат европските автомобилски компании како Мерцедес-Бенц, Фолксваген и Стелантис, објави Фајненшл тајмс.
Според весникот, српскиот претседател Александар Вучиќ се обврзал на ова во интервју за Ханделсблат, неколку часа пред средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Белград, каде што е потпишан Меморандум за разбирање за создавање стратешко партнерство со ЕУ која вклучува критични суровини, синџири на вредност на батерии и електрични возила.
ЕУ и Србија денеска во Белград потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила.
Меморандумот за разбирање беше потпишан во Палатата на Србија во рамки на Самитот за критични суровини во Белград од страна на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални односи и стратешко предвидување Марош Шефчович, во присуство на српскиот претставник Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц.
На потпишувањето присуствуваа и амбасадорите на Италија Лука Гори, на Германија Анке Конрад и на САД Кристофер Хил, како и министри во Владата на Србија.
Како што соопшти Европската комисија, партнерството има за цел да го поддржи развојот на нови локални индустрии и отворањето висококвалификувани работни места во рамки на процесот на производство на електрични возила, со целосно почитување на високите еколошки и социјални стандарди и со целосна транспарентност во однос на искажаната загриженост на локалните жители за штетни последици врз животната средина.
„Партнерството, исто така, обезбедува рамка за силен ангажман на повеќе нивоа на јавно-приватно ниво помеѓу институциите и телата на ЕУ, бизнисите, деловните асоцијации, социјалните партнери, претставниците на граѓанското општество, релевантните министерства на заинтересираните земји членки на Унијата и Србија, јавните организации, финансиските институции и инвеститорите“, се наведува во соопштението.
Партнерството се базира на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Србија и е во согласност со Планот на ЕУ за раст за Западниот Балкан, што ќе има позитивно влијание за унапредувањето на интеграцијата на Србија во единствениот европски пазар на ЕУ и дополнително зајакнување на нејзината економска, социјална и еколошка конвергенција со Унијата.
Со Меморандум за разбирање се воспоставува тесна соработка меѓу Србија и ЕУ во зајакнување на развојот на синџирите на производство на суровини, батерии и електрични возила, поттикнување на истражувањето и иновациите, примена на високи еколошки и социјални стандарди и практики, мобилизирање на финансиски и инвестициски инструменти за поддршка во реализација на проекти, како и обучување за вештини за висококвалификувани работни места во секторите на суровини и батерии.
Согласно Меморандумот за разбирање, во рок од шест месеци ЕУ и Србија заеднички ќе изработат Патокази со конкретни активности за спроведување во пракса на договореното стратешко партнерство.