Љупчо Палевски Палчо, првообвинетиот за грабнувањата и за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес на денешното рочиште на кое се изведуваа материјалните докази на Обвинителството побара изземање на претседателот на судечкиот совет, судијата Ивица Стефановски. Палевски рече дека не му е дозволена правична одбрана и многу нешта укажуваат на спрега помеѓу судот, обвинителството и полицијата. Рече и дека, иако побарал од судијата да побара одредени докази од СВР Велес, судијата до денеска тоа не го сторил.
– Барав да се издаде наредба до СВР Велес да ги издаде податоците што ми се потребни за одбраната, а СВР Велес ме упати да ми ги достави преку претседателот на судечкиот совет. Судијата процедурата ја става над обележјето на ова кривично дело и после 10 одржани рочишта сè уште одбива да издаде наредба за прибавување податоци од СВР Велес. Освен оружјето, ја барав и потврдата за одземените предмети од обвинетиот Боре Видевски, кому при приведувањето му е одземен мобилен телефон и ташничка, која чудно исчезнува на пат кон полициската станица Кисела Вода и во извештајот не постои ташничката на Видевски. Изговорот на судијата, дека е рано да се бара оружјето во две убиства, ја спречува мојата одбрана, затоа што овој податок е дел од листата на докази поднесена на 20 септември, а до денес, после 90 дена судење, ние мора да чекаме милост од претседателот на судечкиот совет да издаде наредба за доставување на податоци за потребите на одбраната – рече обвинетиот Палевски.
Тој изнесе забелешки за однесувањето на ОЈО Скопје и на СВР Скопје, за кои тврди дека за време на истрагата ниту еднаш не прашале ниту еден од останатите тројца обвинети, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, дали поседуваат оружје со или без дозвола.
– Не прашале, ниту е барано оружјето. Чаурата е вештачена, ама не е предложена во листата на доказите, не знам зошто, што сè заедно покажува спрега помеѓу судот, полицијата и обвнителството во монтирање на случај на двојно убиство. И судијата и обвинителките 10 пати им поставија прашање на сведоците дали виделе пиштол во мојата канцеларијата, а не дозволуваат да се бара оружјето со кое се извршени кривичните дела – рече Палевски.
Судијата Ивица Стефановски рече дека неговото барање на податоците е предложено во листата на докази на одбраната, судот е запознат со истото и ќе биде презентирано во делот кога ќе биде изнесувана одбраната.
– Барањето за мое изземање од процесот ќе биде предложено до претседателот на судот – рече судијата и го продолжи рочиштето.
Реакцијата на првообвинетиот Палевски уследи откако обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска почна да го изнесува доказот со број 180, кој се состои од 51 цеде со телефонските комуникации на 21 телефонски број на обвинетите, нивни блиски, жртвите, семејствата на жртвите и на други лица кои можат да дадат информации за кривичните дела, направени во критичниот период пред и за време на убиствата. Судијата ја праша обвинителката дали ќе ги презентира сите цедиња или ќе оди само со направената анализа за телефонските комуникации, на што таа одговори дека е невозможно да се презентираат сите, па затоа како доказ ќе ја изведе само полициската анализа на направените телефонски комуникации.
Анализата МВР му ја предал на Обвинителството на 12.3.2024 година.
На ова Палевски даде приговор затоа што, како што рече, цедињата треба да се дел од доказот, затоа што во нив се содржани многу факти, докази за движење на телефоните и за комуникациите.
– Доказот дека нема комуникација меѓу Палевски и Александар Ѓорчевски е токму во тие цедиња. Анализата има голем број на недостатоци. За сите броеви што се анализирани има ексел табели, пилот-табели за тоа кога се фатени сигналите на базните станици и исклучиво за мојот број 071-491-130, за критичните денови 22.11.2023 и 27.11.2023 нема приложено пилот табела, чарт, за движење на телефонот по базни станици во единица време. За сите други телефони има такви табели за секој поединечно. Тоа е изготвено не од ОЈО, туку од единицата за криминалистичко разузнавање, направена на 11.3.2024 година. Во анализата, во точка 3 од ОЈО до оваа единица на МВР стои дека за секој број треба да се изготви посебен ваков приказ, а има и таква наредба. Изготвени се табели за секој број поединечно и истите се во прилог на ова известување. Мојот приговор е дека оваа анализа е бескорисна без цедињата, во неа мора да постои табеларен приказ и за мојот телефон. Треба да се види каде сум се движел во критичните денови – рече Палевски.
Обвинителката одговори дека нема како да се изведат доказите за комуникациите на поинаков начин, освен со анализата. Додаде и дека согласно со Законот за кривичната постапка и одбраната може да направи своја анализа.
– Нема начин да се читаат табелите поинаку, освен со анализа – рече обвинителката.
Судијата во врска со овој доказ констатираше дека судот на Палевски му го доставил целиот доказен материјал, сите цедиња, кои бранителот ги примил.
– ЈО има извештај за истите, тој е доставен во списите на предметот и судот донесе решение да не се изведат цедињата во доказот 180. Судот укажува на одбраната дека може да изготви свој извештај – рече судијата.
На ова реагираше адвокатот на Палевски, кој рече дека доказот не е целосен.
– Ова е доказ прибавен на незаконски начин, односно, не е целосен и не се земени предвид содржините на цедињата. Одбраната укажува дека за сите останати телефонски броеви има табели со податоци од базните станици, а за телефонот на првообвинетиот нема, туку за неговиот број анализата е напишана во ворд, односно е дополнително допишувана од ЈО. Податоците од компјутерската обработка не се доставени во оригинал, туку се допишани од ЈО и не одговараат со податоците што им се доставени. Значи, само за бројот на Палевски нема табеларен приказ со базни станици – рече адвокатот Марјан Витановски.
Обвинителката, потоа, образложувајќи го доказот, рече дека убиениот Панче Жежовски пред да биде убиен немал комуникација со обвинетите.
– Александар Ѓорчевски има директна комуникација само со Вања, Миња и со Зороца Ѓорчевска, како и со Гоце Трајковски. Комуникацијата на Гоце и Александар е во периодот од 27.11.2023 година, до 3.12.2023 година. На 3.12.2023 година во 20.30 часот е регистриран телефонски повик од телефонот на Баже Палевски кон бројот на Вања. Бројот на Палевски нема директна комуникација со останатите. Броевите на Палевски и на Кешишев на 22.11.2023 година зрачат во Скопје, а на Манев и Видевски во Велес. Овие броеви тој ден не остваруваат комуникација. На 27.11.2023 година, исто така, броевите на Палевски и на Кешишев зрачат во Скопје, а на Манев и Видевски во Велес и не остваруваат меѓусебна комуникација – рече обвинителката.Обвинетиот Палевски забележа и дека во доказите што се однесуваат на вадење на пари од сметката на здружението Десна република, не е напишано во колку точно часот во критичните денови тој бил во банката.
– Со анализата од единицата за економски криминал е анализирана картичка виза на здружението од Халк банка. Од значење е дека на 27.11 2023 година од сметката е извршено плаќање на закуп кон лицето Васко Ристовски од Скопје, кој е сопственик на просториите во кои е седиштето на партијата Десна, во износ од 24.500 денари по основ закуп. Истиот ден има и друго плаќање, во износ од 2.017 денари, извршено во Халк банка. На 2.12.2023 година се извршени последните промени на сметката, а салдото на сметката изнесува 328 денари – рече обвинителката.
Палевски рече дека е важно да се знае во колку часот е извршено плаќањето.
– Анализата на сметката ја правела полицајката Александра Дојчиновска и во записникот злонамерно заборавила да напомене дека и на 22.11.2023 година, исто така критичен ден, има плаќање од таа сметка. Барам да се каже во колку часот биле извршени плаќањата – рече Палевски.
Обвинителката одговори дека од овој доказ не произлегува времето на плаќање.
Судењето ќе продолжи на 20 јануари, кога ќе се доврши изведувањето на материјалните докази. Потоа ќе се врши анализа на изнесените докази.
Судијата најави дека за тоа рочиште ќе се обиде да го обезбеди присуството на сведокот Гоце Трајковски.