Четири групи со повеќе работни места во основното и средното образование и 10 групи во градинките од март ќе земаат иста плата во износ од 18.000 денари со стапувањето на сила на новите измени на Законот за минимална плата. Овие категории инаку имаат различен коефициент и бодови за зложеност на работа и моментално земаат различен износ на плата. Новиот износ на минималната плата, овие вработени ги стави во иста категорија. Досега во овие групи имале коефициент од 1,00 до 1,781 во образованието и земале плата од 15.228 до 17 877 денари нето, а во градинките имале од 259 до 316 бодови и земале плата од 14.538 до 18.000 денари.
Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) велат дека покрај решавањето на овој проблем на изедначување на платите на овие групи на работни места, важно е и прашањето на усогласување и на другите плати бидијќи со ова се доведува во прашање продуктивноста на останатите вработени кои имаат поголема одговорност. Синдикатот вчера имал средба во Министерството за образование и побарал заеднички да се изнајде начин како да се изврши усогласувањето на останатите плати и доколку до 15 март нема резултат од разговорите, се најавува генерален штрајк во областите што ги покрива синдикатот.
-Ќе се обидеме со министерсвото преку рзговори да најдеме начин како да се усогласат платите и да се најде методологија во иднина тоа да не се случува. Прифаќаме усогласувањето да се врши и со одредена динамика, но мораме да го амортизираме проблемот на плати бидејќи со повисоката минимална плата е направен хаос во јавниот сектор каде што со години не се усогласени платите – вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.
СОНК му даде рок на Министерството разговорите околу начинот на усогласување на останатите платите да завршат до 15 март, за да може да почне исплатата на усогласените плати со мартовската плата.
-Свесни сме дека усогласувањето на останатите плати со минималната бара државата да издвои огромна сума на пари, па затоа бараме договор кој ќе биде валиден и потпишан со кој ќе се утврди во кој период и на каков начин ќе се направи тоа. Доколку немаме никаков резултат до 15 март, дејностите кои се опфатени со овој синдикат сигурно ќе одат на генерален штрајк, а верувам и другите од јавната администрација ќе организиараат штајкови – вели Неделков.
Дека на владата ќе и треба повисока сума на пари за покривање на усогласувањето на останатите плати со најавениот износ на минималната плата говорат и пресметките што ги напреавивме според податоците за коефициентите и платите од Колективниот договор за овие дејности, а се однесуваат на неколку работни места.
Направивме пресметка за тоа како би требало да изгледаат платите во основното, средното образование и градинките. Податоците за актуелните плати коефициентите и бодовите се земени од објавата на социјалните мрежи на претседателот на СОНК, Неделков, а кои се утврдени со колективниот договор. Пресметката е без минат труд и други додатоци.
Основно образование:
група | коефициент | Бруто плата сега | Нето плата сега | Бруто по усогласување | Нето по усогласување |
Наставник приправник | 2,292 | 33.827 | 22.764 | 41.256 | 27.613 |
Наставник стр. соработник | 2,503 | 36.942 | 24.782 | 45.054 | 30.074 |
Наставник посебни паралелки | 2,683 | 39.598 | 26.539 | 48.294 | 32.174 |
Наставник ментор | 2,803 | 41.369 | 27.686 | 50.454 | 33.574 |
Во средно образование
група | коефициент | Бруто плата сега | Нето плата сега | Бруто по усогласување | Нето по усогласување |
Наставник приправник | 2,319 | 35.313 | 23.726 | 41.256 | 27.613 |
Наставник стр. соработник | 2,533 | 38.572 | 25.838 | 45.594 | 30.423 |
Наставник посебни паралелки | 2,717 | 41.374 | 27.690 | 48.906 | 32.570 |
Наставник ментор | 2,84 | 43.247 | 28.903 | 51.120 | 34.004 |
Платите, пак, во градинките на некои од вработените под услов да се зголеми бодот за 20 отсто од 81,6 на 97,6 би излегале вака:
група | бодови | Бруто плата сега | Нето плата сега | Бруто по усогласување | Нето по усогласување |
Негувател приправник | 292 | 23.744 | 16.284 | 28.499 | 19.347 |
негувател | 340 | 27.744 | 18.821 | 33.184 | 22.380 |
Воспитувач приправник | 404 | 32.966 | 22.205 | 39.430 | 26.430 |
воспитувач | 455 | 37.128 | 24.902 | 44.408 | 29.654 |