Светските цени на храната нагло пораснаа во октомври и сега се највисоки во последната година и пол, односно од април 2023 година, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на прехранбените производи за октомври изнесува 127,4 поени, што претставува зголемување од 2% во однос на септемвриските 124,9 поени и е резултат на растот на индексот во сите категории освен месото. Пораст на цените има кај растителните масла, шеќерот, млечните производи и кај житариците.
Индексот на цените на растително масло се зголеми за дури 7,3% на 152,7 поени и сега е највисок од ноември 2022 година.
Меѓународните цени на палминото масло пораснаа петти месец по ред, а поскапеа и сончогледот и маслото од соја, како и маслото од репка.
Индексот на цените на шеќерот порасна за 3,3% месечно, на 129,6 поени и сега е на највисоко ниво во последните 7 месеци поради загриженоста за сувото време во Бразил што ги нарушува изгледите за посевите на шеќерна трска.
Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми за 1,9% на 139,1 поен во однос на истиот месец, особено поради растот на цената на сирењето, а вредноста на индексот на житарките за 0,8 отсто на 114,4 поени.
Спротивно на тоа, пресметките на ФАО покажуваат дека месечниот индекс на цените на месото падна за 0,3% на 120,4 поени, главно поради падот на цените на свинското месо.