Најмалку 10 лица, меѓу кои 6 цивили загинаа рано изутрината во израелски напади врз централна Сирија, соопшти воен набљудувач.
„Шест цивили се убиени, меѓу кои една жена и нејзиниот син, во израелските напади врз зграда во населбата Хамра во градот Хомс“ – соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.
Шефот на опсерваторијата, Рами Абдел Рахман, изјави за ДПА дека нападите биле насочени кон двокатна зграда и подрум во близина на општинскиот стадион.
– Меѓу убиените има двајца за кои се верува дека се членови на проиранското движење Хезболах – изјави Рахман.
Во Бејрут, Хезболах соопшти дека загинале двајца негови членови, но не посочи каде загинале.
Државната сириска новинска агенција цитирајќи воен извор објави дека голем број цивили биле убиени, а други биле повредени за време на нападот. Агенцијата наведува дека воздушната одбрана на сириската армија ги пресретнала ракетите и „соборила некои од нив“.